Македонија доби пристап до кредитна рамка од шест милијарди евра од Велика Британија, средства наменети за реализација на крупни инфраструктурни проекти. Вредноста на овој аранжман не е само во износот, туку и во условите под кои е обезбеден. Според новинарот Љупчо Златев, станува збор за уникатна можност со грејс период од две до три години — нешто што, како што вели тој, ниту една влада досега не успеала да обезбеди.
„Ова не е задолжување како што некои сакаат да го прикажат, туку отворена можност за развој. Не станува збор за потрошувачка, туку за инвестиции што ќе значат подобар живот за граѓаните. Ако некој има доказ за подобри услови добиени досега, нека излезе со нив, па јас прв ќе му честитам“, изјави Златев во емисијата „Само вистина“.
Од друга страна, Александар Трајановски во, поранешниот заменик-градоначалник на Скопје, во емисијата „Само Вистина“ го сврте вниманието кон внатрешните слабости и недостатокот на политички и институционален консензус.
„Ние се уште не сме го фатиле чекорот со 21 век. Африкански држави веќе спроведуваат напредни урбани решенија како брзи автобуски системи, додека кај нас не можеме ниту еден да изгласаме. Нам ни се распаѓаат автобусите, а не можеме да се договориме за основни прашања“, рече Трајановски.