Советникот во Советот на Град Скопје и член на ГРОМ, Александар Трајановски не ја разбира вчерашната изјава на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски во истрагата за дивоградби низ скопските општини. Прашува „според кој закон или овластувања и ингеренции МВР руши дивоградби?“.
-Да бидам искрен, Панче Тошковски сметав дека е еден од пописмените луѓе на оваа владина гарнитура. И како таков не знам дали е присилен или замолен да излезе во јавност и да кажува вакви глупости.
Покрај министер за транспорт и врски, Државен градежен инспекторат, општински испекциски служби, со кој памет и во кое својство Министерство за внатрешни работи и полиција ќе проверува дивоградби, нивна безбедност или ќе руши?
Според кој закон или овластувања и ингеренции МВР руши дивоградби? Полицијата или МВР само асистира на инспекциските служби кои рушат или постапуваат во спречување или отстранување на диви објекти.
МВР заедно со ОЈО треба да се занимава со причините и поводот за дивоградбата, а со последиците и безбедноста овие институцииве што ги набројав погоре. “Главниот чувар” на нашите закони, безбедност и сигурност не си ги знае ингеренциите и овластувањата. Ова е тресење глупости од вонсистемски размери, порачува Трајановски.
Министерот вчера информираше дека овеќе оддели во рамки на МВР – организиран криминал, крим полиција, СВР Скопје во текот на вчерашниот ден влегле во повеќе општини во рамки на Град Скопје при што постапуваат по конкретни наредби дадени од јавен обвинител, а повразно со бесправна градба, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во насока на обезбедување докази за бесправна градба, Тошковски посочи дека е влезено во општините Чаир, Сарај, Аеродром и Кисела Вода.