Сегашниот градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски, би прифатил да биде кандидат за трет мандат, доколку таква одлука донесе неговата партија ВМРО-ДПМНЕ. Како што вели тој, она што го направил во изминатите два мандати е доволно повторно да излезе како победник на следните локални избори.

Како пример за доброто функционирање на јавните претпријатија на Град Скопје, Трајановски ја посочи „Комунална Хигиена“ на Ракип Дочи. Градоначалникот на Град Скопје, вели дека од претпријатие со голем долг, стигнале до фаза самостојно да инвестираат во нови машини за одржување на хигиената во градот.
Главен противник на локалните избори кои се закажани за првата половина во месец октомври на Трајановски може да му биде сегашниот градоначалник на Општина Центар. Андреј Жерновски најави дека сигурно ќе се кандидира за уште еден мандат во оваа општина, но не ја исклучи можноста, доколку таква одлука донесе СДСМ, да влезе во трка за градоначалник на Град Скопје.
Од СДСМ велат дека се уште е рано да се лицитира со имиња за локалните избори. Од друга страна, освен Коце Трајановски, поддршка од своите партии ќе бараат и Теута Арифи за градоначалничка на Тетово и Невзат Бејта за прв човек на Гостивар. Фатмир Дехари ќе бара поддршка од ДУИ за Кичево или Струга, но според неофицијалните информации, можно е за овие градови албанските политички партии за излезат со заеднички кандидат./тв21