Ескалација без преседан на Блискиот Исток. Иран ги проширува нападите – ракети и дронови кон Израел, експлозии во Обединети Арапски Емирати, погодени енергетски објекти во Катар и Саудиска Арабија. Во Кувајт гори американската амбасада, а три авиони на САД се соборени од пријателски оган. Ракети се пресретнати и над Аман во Јордан. САД и Израел возвраќаат. Вашингтон со порака дека „големиот бран“ допрва доаѓа, без да се исклучи можноста за испраќање американски трупи. Таргетирана иранската телевизија, оштетена и болница во близина.
Што се случи на Блискиот Исток во саботата – конфликт, интервенција или нешто слично на Венецуела?
Според безбедносниот аналитичар, Пецо Трајкоски, делод НВО – Центар за стратегиски истражувања, пред три дена се случи отворена воена ескалација т.е. координирани американско-израелски удари врз цели во Иран, по што следуваше брза регионална реакција и покачување на ризикот од поширок конфликт. Ова е далеку поблиску до класичен меѓудржавен вооружен судир отколку до „сценарио Венецуела“ (тајни операции, политичка дестабилизација или симболични акции).
Трајкоски оценува дека станува збор за директен безбедносен настан со реални воени последици и со ризик да се прелее преку повеќе фронтови. Израел ова го става во рамката на како превентивна самоодбрана.
-Идејата е дека иранската нуклеарна и ракетна инфраструктура не се „политички спор“, туку стратешка закана. Според тоа, целта е одвраќање и деградација на капацитети што би можеле да се користат за директни напади или за подигање на цената на безбедноста за Израел и сојузниците. Ова е и причината зошто дел од западните аналитички и про-израелски кругови го третираат настанот како „кога дипломатијата е исцрпена, останува одвраќање со сила“. Клучното прашање сега е дали ова ќе остане ограничена или ќе прерасне во поширока војна со сериозни последици по безбедноста во регионот, вели соговорникот во анализа за „Локално“.

Фото: Printscreen/Youtube/
CBC News: The National
Според него, ппасноста од поширока ескалација е реална и висока, бидејќи вакви кризи ретко остануваат на „само Иран“ или „само Израел“. Историски, кога има удар врз Иран се појавуваат разни прокси-точки на судири, а в моментов најчувствително е на линијата Израел–Хезболах во Либан.
-Дури и ограничена размена на оган таму може брзо да се претвори во сериознен конфликт затоа што двете страни имаат политички и безбедносни мотиви да не изгледаат како да попуштаат. Ставот на ЕУ е „максимална воздржаност“, почитување на меѓународното право и избегнување на нарушување на критични водни патишта но верувам ќе се промени ако кризата ескалира понатаму, потенцира Трајкоски.
Од САД се децидни дека нападот врз Иран не е за промена на режимот туку да се уништи заканата. Ние не ја започнавме оваа војна, но ќе ја завршиме-нагласи американскиот министер за одбрана.
„Долги 47 години, експанзионистичкиот и исламистички режим во Техеран води дива, еднострана војна против Америка. Ние не ја започнавме оваа војна, но под водство на претседателот Трамп ја завршуваме. Ова не е војна за промена на режимот, но режимот сигурно се промени и светот е подобар поради тоа“, рече Пит Хегсет, министер за одбрана на САД.
Синоќа се огласи и претседателот на САД, Доналд Трамп. Вели “продолжуваме со големите борбени операции во Иран и ги елиминираме заканите што ги претставува иранскиот режим“.
„Иран ги игнорираше предупредувањата на САД и одби да престане со својата потрага по нуклеарно оружје. Целите на операцијата во Иран се јасни-уништување на ракетните капацитети на Иран и уништување на нивната морнарица покрај спречувањето да имаат нуклеарно оружје“, порачува американскиот претседател.
Во целата оваа ситуција, неизоставено прашање е како сето ова ќе се одрази на Македонија, во однос на економијата, но и можниот наплив на бегалци од Блискиот Исток. Според Трајкоски, за Македонија, во првата фаза најреалната последица е економска, а тоа е цената на енергенсите и инфлацијата.
-Пазарите реагираат веднаш на ризик во Персискиот Залив и кризата се прелива во цените на горива и логистика. Миграцискиот ризик е можен, но обично е втор бран, зависи дали конфликтот ќе се прошири во повеќе држави, дали ќе се создадат услови за масовно раселување и дали ќе се активираат коридори кон Европа, истакнува аналитичарот.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/TOI
Израел го предупреди Либан дека би можел да нападне големи инфраструктурни објекти доколку владата не преземе мерки против Хезболах, додека гранатира цели во Бејрут како одговор на претходните напади на Хезболах.
„Ќе се погрижиме Хезболах да плати висока цена за сè што направи, секој што го следи патот на Хамнеи завршува како Хамнеи, на дното на пеколот, заедно со сите оние од Оската на злото“, рече Израел Кац, израелски министер за одбрана.
Конфликтот од Блискиот исток се префрли и на медитеранот откако претходно ирански шахеди погодија британска база на Кипар. Грција воведува засилени безбедносни мерки околу американски и израелски цели додека Британија ја правда одлуката да им дозволи на САД користење на нивните бази за да се заштитат невини цивили.
„Донесовме одлука да го прифатиме барањето на САД со цел да се спречи Иран да испука ракети низ регионот, убивајќи невини цивили, ставајќи ги во опасност британските животи и удирајќи земји кои не биле вклучени. Да бидеме јасни, употребата на британските бази е ограничена на договорените одбранбени цели. Ние не се приклучуваме кон офанзивните напади на САД и Израел“, изјави Кир Стармер, премиер на Обединетото Кралство.
По убиството на Хамнеи, Исламската република избра тричлен совет на лидерство кој ќе управува со земјата, со Алиреза Арафи како привремен водач.
„Уште еднаш, Соединетите Американски Држави и ционистичкиот режим започаа несоодветна, неточна и неправедна акција на погрешна пресметка. Овој совет ќе ги извршува должностите што му се доверени. Ги уверувам сите наши вооружени сили и нашата нација дека сите гранки на државата се на ваша служба“, нагласи Алиреза Арафи, шеф на привремениот совет на лидерство на Иран.
Кина е загрижена поради развојот на воената состојба и е подготвена со меѓународната заедница да работи на мирно решение за да не дојде до прелевање вон регионот.
„Кина верува во потполното почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјите во Заливот. Ги повикуваме завојуваните страни да ги запрат воените операции за да спречат натамошно ширење на војната“, рече Мао Нинг- портпаролка на Министерството за надворешни работи на Кина.
Руското министерство за надворешни побара итен прекин на непријателските активности на Блискиот исток. Целта на Вашингтон и Тел Авив, преку атентатите врз иранското раководство е да се нарушат односите меѓу Иран и арапските соседи, се вели во соопштението.
Во итниот телефонски разговор меѓу шефот на Кремљ, Путин со претседателот на Емиратите, Ал Нахјан посочил дека емиратите не биле платформа за лансирање американски удари врз Иран и затоа била неоправдана штетата направена со иранските проектили. Ќе ја пренесеме пораката до Техеран, рекол шефот на Кремљ.
Н.П.