Трајкоски за употребата на американско оружје на територијата на Русија: Путин го тестира Западот никогаш не преминувајќи ја црвената линија

од Nikola Popovski
1,5K прегледи

Американскиот претседател Џозеф Бајден ѝ даде дозвола на Украина да користи оружје испорачано од САД за напади врз цели во Русија, но само во близина на регионот Харков. Германија ја даде истата дозвола, а на самитот на НАТО во Прага, генералниот секретар Јенс Столтенберг тврдеше дека не станува збор за ескалација и дека Украина има право да се брани. Одлуката предизвикува бројни реакции, а аналитичарите оценуваат дека црвените линии во руско-украинскиот конфликт постојано се поместуваат.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во интервју за „Гардијан“ потврди дека САД ѝ дозволиле на Украина да користи американско оружје за гранатирање на територијата на Русија. Во исто време, тој го повика американскиот претседател да ја надмине својата повеќегодишна загриженост за можна нуклеарна „ескалација“ со Москва.

Дека новиот развој на ситуацијата зависи од итноста на промената на курсот смета аналитичарот за безбедносна политика, Пецо Трајкоски од НВО – Центар за стратегиски истражувања и анализи. Според неговата проценка, ова произлегува од тековното напредување на Русија кон Харков, втор по големина град во Украина, кој се наоѓа само триесет километри од руската граница.

-Градот е неуморно бомбардиран од артилерија стационирани веднаш преку границата. Под претходните правила на администрацијата на Бајден, украинските напади во Русија со американско оружје беа блокирани, обезбедувајќи „засолниште“ за руските сили. Одлуката на Белата куќа сепак нема да направи голема промена на терен, ова е само минимумот за да ѝ помогне на Украина со тешката ситуација на североистокот бидејќи постојат ограничувања кога и кои орудија и муниција може да се користат. Ова секако е подобро од ништо, но е премалку за промена на ситуацијата, вели Трајкоски во разговор за „Локално“.

Околу премислувањето на Бајден за одобрение на оружјето, соговорникот вели дека пресвртот за администрацијата е значаен, бидејќи Бајден тврдеше претходно дека ваквите акции ќе ја ескалираат војната со повеќе директно вклучување на САД во конфликтот. Сепак, влошените услови за Украина на бојното поле – особено напредувањата на Русија и постојаните напади на Харкив го натераа претседателот да го преиспита своето мислење.

-Одлуката на Бајден исто така доаѓа по повиците од сојузниците на САД во Европа, вклучувајќи ги Обединетото Кралство, Германија и Франција, како и генералниот секретар на НАТО, за Украина да може да користи западно-обезбедено оружје против воени цели во Русија. Белата куќа исто така е под притисок од поддржувачите на Украина во Конгресот, истакнува Трајкоски.

Аналитичарот не очекува конкретен потег од Русија по ваквиот развој на настаните.

-Како што можеше да се предвиди, Путин одговори со закана дека ќе има сериозни последици особено за некои помали земји. Но Путин видовме дека постојано се заканува алудирајќи на нуклеарниот арсенал на Русија и оттаму сметам дека заканата не е сериозна и не треба да биде земена како таква. Инаку тоа би значело голема ескалација и влегување во војната на други страни кои верувам Русија не сака да се вовлечат. Тој го тестира Западот никогаш не преминувајќи ја црвената линија, тврди Трајкоски.

„Ројтерс“ на 24 мај објави дека четворица руски извори кои моментално работат или работеле со рускиот претседател изјавиле дека Путин е подготвен да преговара за прекин на огнот со кој се препознаваат сегашните фронтови и дека Путин е подготвен да ја претстави сегашната окупирана украинска територија како руска воена победа на руската јавност. На прашањето дали е можен крај на огнот преку договор на маса, Трајкоски одговара дека е можно.

-Верувам дека и да нема интерес во Украина за преговори, бидејќи во овој момент би изгубила најмногу, за договарање има индикации од Русија, но верувам и САД бидејќи се има чувство дека сакаат да ја тргнат војната од дневен ред пред изборите наесен. Наскоро се очекува и самитот во Швајцарија на кој битни земји, но без Русија, ќе се обидат да разговаарат за ставање на крај на војната, заклучува аналитичарот.

„Волстрит журнал“, повикувајќи се на американски официјални претставници, објави дека САД ѝ дале дозвола на Украина да ги користи ракетните фрлачи „Himars“, ракетните системи „GMLRS’ и артилерија.

Администрацијата на Бајден одлучи да не дозволи Украина да ја користи најмоќната муниција што ја доби од САД. Станува збор за ракетите со долг дострел „ATACMS“ кои можат да погодат цели оддалечени 300 километри. На Украина исто така ѝ е забрането да гаѓа во руски авиони кои се приземјени на руска територија.

Н.П.

Слични содржини