Трајкова: Секое усогласување на пензиите е добродојдено, но битна е одржливоста на предложеното решение со цел да има редовна исплата на истите

од Vladimir Zorba
227 прегледи

Додека во јавноста секојдневно се кршат копјата околу тоа дали линеарното покачување на пензиите е праведно и правично или не, претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери, Станка Трајкова останува  внимателна во изразувањето оценка.

Анализирајќи  ги подеднакво сите аспекти на овој чекор за кој министерот за социјална политика Фатмир Лимани рече дека сите пензионерите го заслужуваат, таа подеднакво ја посочува и потребата да се има предвид финансиската одржливост на пензискиот фонд заради редовната исплата на пензиите.

„Секое усогласување на пензиите е добродојдено, но битна  е одржливоста на предложеното решение со цел да има редовна исплата на пензиите.Најважно, за еден пензиски систем е самиот  да се финансира без да бара средства од надвор. Што се однесува до најавеното линеарно усогласување треба да се регулира со измени и дополнувања  на ЗПИО и тоа да се утврди карактерот  на усогласувањето ,што со системското усогласување, и периодот на усогласување на пензиите.Притоа, треба да се има предвид финансиската одржливост на Фондот на ПИОМ,осигурениците вклучени во капитално финансирано пензиско осигурување – идни пензинери, ставајќи ги во еднаква правна положба“, вели во изјава за „Локално“ Станка Трајкова.

Станка Трајкова

Станка Трајкова

Таа информира дека Сојузот на здруженија, до надлежните органи веќе доставил писмени барања за зголемување на најнискиот износ на пензија, предлог за дегресивно усогласување што е во прилог на ниските пензии, барање да се применува поповолниот процент при примена на методологијата за усогласување на пензиите како и предлог за усогласување на пензиите два пати годишно за да како што вели Трајкова, не им се скратуваат 4 месеци на пензионерите од тековното усогласување секоја година.

Ставот на Трајкова во однос на линеарното покачување на пензиите, ги налути дел од пензионерите од Штип, Свети Николе и Кочани.Тие на протест побараа оставка од раководството на Сојузот на здруженија и менување на статутот на Сојузот. Трајкова пак го  стави во прашање нивниот легитимитет но изразува подготвеност за било каква средба.

„Барањата  на протестот  упатени до Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија не  се даваат  од   Здруженијата на пензионери , како правни субјекти, туку од  група на поединци пензионери. Ако се побара средба од пензионерите  што протестираат, спремни сме да разговараме, кога тие тоа ќе го побараат“, децидна е Трајкова.

Во очекување сите како што вели, неправди да се исправат со следните измени и дополнувања на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, Трајкова објаснува дека „пензискиот систем е реформиран со воведување во него на капитална компонента,а за да се прават идни параметрички реформи потребен е студиозен приод и длабока анализа“.

Дека на Фондот за ПИОМ му се неопходни сериозни реформи укажаа и голем дел од економистите. Според нив линеарното усогласување на пензиите не е ниту праведно ниту правично решение бидејки ќе донесе зголемен дефицит во Фондот за ПИОМ, зголемување на старосната граница за пензионирање и зголемување на придонесот за пензиско осигурување. Во услови на стареење на населението и масовно иселување, на среден рок тие сметаат дека ќе се доведе во прашање и одржливоста на Фондот за ПИОМ бидејки нема да има работници кои ќе го полнат буџетот а со тоа и неможност за исплата на пензиите.

Со 2.500 денари во септември, повеќе од половината од пензионерите ќе добијат помало зголемување на пензиите отколку што би добиле со досегашното системското усогласување што се правеше со раст на трошоците за живот и растот на просечната плата. Ова изборно ветување ќе заврши со изплатата на 2500 денари во март, а потоа за ново покачување, пензионерите ќе мора да чекаат нови изборни ветувања.

К.В.С.

 

Слични содржини