Стрелецот на историскиот гол против Италија, македонскиот репрезентативец Александар Трајковски, верува дека нашата селекција може да ја совлада и Португалија.
Трајковски пред неколку дена со гол во втората минута од судиското продолжение го урна европскиот шампион во Палермо и закажа дуел со Португалија. Финалето на плеј-офот на стадионот „Драгао“ во Порто ќе го даде одговорот која од овие две селекции ќе оди на завршниот турнир во Катар.
„Не треба да ја пропуштиме шансата да одиме на Светското првенство. Никогаш не сме биле толку блиску. Македонија ја совлада Италија, актуелниот европски првак. Нашиот тим покажа дека може да победи секого“, изјави Александар Трајковски.
Во полуфиналето од плеј-офот, Македонија ја совлада Италија (1:0), а Португалија ја победи Турција (3:1).
Натпреварот помеѓу Португалија и Македонија се игра во вторник со почеток во 20:45 часот.