Трајковски: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ трупаат непродуктивно вработени во државната администрација за да го одржуваат своето верно гласачко тело, кое во еден максимално приватизиран систем не би било слепо послушно

Од парламентарните партии, додава проф. Трајковски, засега единствено Левица, додека нема никаква извршна власт, јасно и правилно укажува дека државата треба самата да ја развива енергетиката и дека не смее да го распродава и уништува државниот, односно поранешниот општествен имот

од Nikola Popovski
52 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телма Тв

Професорот на Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, кој е познат по своите вирални објави за случувањата во македонското општество, оценува дека двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ воопшто не се разликуваат по најважното прашање, економијата. Според него, двете партии доследно спроведуваат неолиберални политики, од кои граѓаните немаат никаква корист, а државата ја третираат како пазар што им се сервира на одбрани приватници за извлекување профит.

На пример, наведува професорот, наместо да инвестираат во нови електрични централи од обновливи извори во државна сопственост, двете партии им подготвуваат терен на странски приватни компании и инвестициски фондови. Како последица на тоа, граѓаните ќе купуваат двојно поскапа електрична енергија, додека државата ќе биде лишена од профит и од значаен прилив во буџетот.

-Истовремено, двете партии вложуваат во проекти со однапред загарантирани загуби, како што се автопатиштата на „Бехтел и Енка“ и брзата пруга, со што ни натоварија на плеќите огромни долгови што никогаш нема да можеме да ги отплатиме. Јасно е дека и тоа се прави за задоволување на приватните интереси.

Мора да разбереме: овие две партии не дојдоа за да градат нешто, туку за да го разградат јавниот сектор и да му предадат чист терен за игра и збогатување на приватниот капитал. Тоа е апсолутно во склад со неолибералните теории на Милтон Фридман, според кои сè треба да се приватизира, а државата да ги задржи само армијата и правосудството.

Но, тука нашите власти не се сосема доследни. Ако навистина сакаат целосна приватизација, зошто тогаш трупаат непродуктивно вработени во државната и јавната администрација и јавните претпријатија? Одговорот е јасен: за да го одржуваат своето верно гласачко тело, кое во еден максимално приватизиран систем не би било слепо послушно, посочува Трајковски.

Слична е состојбата и кај албанските партии, тврди професорот. Од парламентарните партии, додава тој, засега единствено Левица, додека нема никаква извршна власт, јасно и правилно укажува дека државата треба самата да ја развива енергетиката и дека не смее да го распродава и уништува државниот, односно поранешниот општествен имот.

-Но, ни кај Левица не е сè розово. Во минатото имаат повлечено непромислени политички потези, како што е оддавањето почит на Енвер Хоџа, за кого денеска ретко кој има добри зборови, дури и во Албанија. Параноичниот систем на Хоџа тешко може да се нарече социјализам и бил предмет на подбив и кај нас, во времето на самоуправниот социјализам.

Ајде „аџилакот“ од Левица на неговиот гроб да го сфатиме како идеолошка иконографија, но ако навистина сакаат да привлечат поширок и посериозен интерес кај граѓаните за своите социјалистички идеи, најдобро е веднаш да се откажат од вакви искривени симболики и да се свртат кон современите социјалистички, ако веќе не социјалдемократски, концепти.

Од своја страна, и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сè уште можат нешто да поправат. ВМРО може да се врати кон своите изворни народни идеи, а СДСМ кон изворната социјалдемократија. И двете опции би биле подобри за граѓаните од сегашниот неолиберален модел, заклучува Трајковски.

Слични содржини