„Имав добри односи со Ким Џонг-ун и навистина се сложувам многу добро со него. Ќе видиме што ќе се случи. Некои велат дека постои можност за конфликт – мислам дека ќе го решиме. Ако има, ние нема да бидеме дел од него“, изјави Трамп пред новинарите во Овалната соба.
Примирје меѓу Израел и Хамас во наредната недела?
Осврнувајќи се на ситуацијата во Газа, Трамп изрази увереност дека можно е постигнување прекин на огнот помеѓу Израел и Хамас во рок од една недела. Тој наведе дека разговарал со некои од вклучените страни во обидите за запирање на конфликтот.
Хамас, од своја страна, одбива да го положи оружјето, но е подготвен да ги ослободи преостанатите заложници во рамки на договор за крај на војната. Израел, пак, инсистира на целосно разоружување и распуштање на Хамас како предуслов за завршување на конфликтот.
„Мислам дека сме блиску до договор. Само што разговарав со некои од вклучените. Веруваме дека во следната недела ќе постигнеме примирје“, изјави Трамп.
Израел гледа нова „историска можност“ за мир
Во меѓувреме, израелскиот министер за стратешки прашања Рон Дермер се очекува во понеделник да ја посети Вашингтон за разговори со претставници на администрацијата на Трамп, при што теми на дискусија ќе бидат ситуацијата во Газа, Иран и можна посета на премиерот Бенјамин Нетанјаху на Белата куќа.
Нетанјаху изјави дека сегашните случувања во регионот претставуваат „историска можност“ за постигнување поширок мир, нагласувајќи дека „оваа победа отвора пат за драматично проширување на мировните договори. Работиме на ова со голем ентузијазам“, додаде тој.