Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се обидува да го отфрли обвинението поднесено против него во државата Џорџија за наводен обид за промена на резултатите од изборите во 2020 година, наведувајќи дека тој е заштитен од гонење поради претседателскиот имунитет.
„Обвинението во овој случај го товари претседателот Трамп за дела поврзани со неговите службени одговорности како претседател. Обвинението не може да се подигне поради претседателскиот имунитет и треба да се отфрли“, се наведува во поднесокот на адвокатите на Трамп, пренесува Си-Ен-Ен.
Во него се додава дека обвинението против Трамп е неуставно бидејќи, како што е наведено, претседателите не можат да бидат кривично гонети освен ако не бидат отповикувани или осудени од американскиот Сенат.
Обвинението од речиси 100 страници, поднесено од обвинителството во Џорџија, ги товари Трамп и неговите соработници за злосторства, вклучително и фалсификување и изнуда, со цел промена на резултатите од претседателските избори на кои победи Џозеф Бајден.