Трамп: Демонстрантите да не се осмелуваат да се пробијат во Белата куќа

од Vladimir Zorba

Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави денеска дека демонстрантите кои протестираат против смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд за време на полициско апсење, можат да бидат пречекани со „најжестоките кучиња и најопасното оружје што го видел некогаш“, доколку ја пробија оградата на Белата куќа.

Трамп објави серија твитови во кои се чини дека ги повика приврзаниците вечерва да се соберат пред Белата куќа.

– Разбирам дека вечерва е МАГА вечер во Белата куќа – напиша Трамп, пренесува Ројтерс, објаснувајќи дека МАГА го претставува слоганот „Make America Great Again“.

За време на протестот во Минеаполис за смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој почина откако бел полицаец клекна на неговиот врат, Белата куќа беше кратко блокирана, опкружена со демонстранти кои извикуваа „Нема правда, нема мир“, а ситуацијата беше на работ на конфликт, кога припадниците на полицијата се заканија со солзавец.

Протестите избувнаа низ Соединетите држави, а покрај првичните демонстрации на гневните граѓани во Минеаполис, Минесота, каде Националната гарда беше распоредена во петокот и воведена привремена вонредна состојба со полициски час, илјадници излегоа на улиците во Чикаго, Детроит, Лос Анџелес и Вашингтон, Атланта, Денвер, Мемфис, Њујорк …

Слични содржини