Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот потпиша извршна наредба за декласификација на документите поврзани со атентатите на поранешниот претседател Џон Кенеди, неговиот брат Роберт Кенеди и активистот за граѓански права Мартин Лутер Кинг помладиот.
Трамп им нареди на директорот на националното разузнавање и на јавниот обвинител да презентираат план во рок од 15 дена за „целосно објавување на записите поврзани со атентатот на претседателот Џон Ф. Кенеди“.
Имаат 45 дена да ги разгледаат досиејата за Роберт Кенеди и Мартин Лутер Кинг Јуниор и да смислат план за објавување на записите.
„Повеќе од 50 години по атентатите на претседателот Џон Ф. Кенеди, сенаторот Роберт Ф. Кенеди и пречесниот Др. Мартин Лутер Кинг Џуниор, федералната влада не ги објави во јавноста сите свои записи поврзани со овие настани“, се вели во наредбата.
„Нивните семејства и американскиот народ заслужуваат транспарентност и вистина. Во национален интерес е сите записи поврзани со овие убиства конечно да бидат објавени без одлагање“, се додава.
Според Националниот архив на САД, повеќето од околу пет милиони документи, фотографии, видеа, аудио снимки и артефакти поврзани со атентатот на ЏФК и се достапни на јавноста од доцните 1990-ти.
Трамп претходно вети дека ќе ги објави досиејата за време на неговиот прв мандат. Во 2017 година беа објавени некои претходно доверливи документи, но Трамп одлучи да ги задржи другите на барање на ЦИА и ФБИ, повикувајќи се на загриженост за националната безбедност.
Наследникот на Трамп, Џо Бајден, објави уште илјадници документи поврзани со Кенеди, но не сите. Со конечното објавување во 2023 година, 99 отсто од документите сега се јавно достапни, според извештаите на американските медиуми.
Атентатот на Џон Ф. Кенеди во Далас на 22 ноември 1963 година, беше клучен момент во историјата на САД и остана популарна тема за теоретичарите на заговор и покрај заклучокот на официјалната истрага дека осамен вооружен маж е одговорен за нападот.
Кинг, икона за граѓански права која ги освои Американците со својот говор „Јас имам сон“ во 1963 година, беше убиен во Мемфис во 1968 година.
Роберт Ф. Кенеди беше убиен од вооружен маж за време на претседателската кампања во 1968 година.