Трамп и Путин договорија средба – еве каде ќе се сретнат!

од Nikola Popovski
45 прегледи

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во средата дека ќе се сретне со неговиот руски колега Владимир Путин во Саудиска Арабија, откако во вчерашниот телефонски разговор се договориле веднаш да започнат преговори за ставање крај на војната во Украина.

„Ќе се сретнеме во Саудиска Арабија“, им рекол Трамп на новинарите во Белата куќа. Покрај разговорите со Путин, Трамп во средата разговарал и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во подолга објава на својот профил на „Truth Social“, Трамп информира дека тој и Путин „се договориле нивните преговарачки тимови веднаш да започнат преговори“.

Кремљ објави дека Трамп и Путин разговарале околу час и половина и дека се договориле да се сретнат. Руската новинска агенција ТАСС објави дека Путин го поканил Трамп да ја посети Москва.

Во својот пост, републиканецот зборува за „долг и многу продуктивен“ разговор со неговиот руски колега за „Украина, Блискиот Исток, енергенсите, вештачката интелигенција, јачината на доларот и разни други теми“.

По разговорот со украинскиот претседател, Трамп на „Truth Social“ напиша дека Зеленски сака „да постигне мир“. „Разговорот помина многу добро. Тој, како и претседателот Путин, сака да постигне МИР“, напиша тој.

Кабинетот на Зеленски потоа објави дека тој и Трамп разговарале околу еден час, а самиот украински претседател напиша на X дека тој и Трамп разговарале за „можностите за постигнување мир“, „нашата подготвеност да работиме заедно… и технолошките способности на Украина… вклучувајќи беспилотни летала и други напредни индустрии“.

Трамп подоцна рече дека не мисли дека е практично Украина да се приклучи на НАТО и дека е малку веројатно земјата да ја врати целата своја територија. Руските медиуми претходно шпекулираа дека двајцата лидери би можеле да се сретнат во трета земја, спомнувајќи ги Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

„Нема одлука за Украина без Украина“

Шефовите на шпанската, германската и француската дипломатија денеска во Париз изјавија дека не може да се донесе одлука за Украина без Киев и без учество на Европа, што е реакција на договорот меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин веднаш да почнат преговорите за Украина.

„Нема да има праведен и траен мир во Украина без учество на Европејците“, предупреди францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, додека германската министерка Аналена Баербок и шпанскиот колега Хозе Мануел Албарес Буено тврдат дека не може да се донесе одлука за Украина без Украина.

„Зборуваме за суверена земја со демократски избрана влада. Освен тоа, ништо што влијае на европската безбедност – и руската агресија врз Украина директно ја загрозува европската безбедност – не може да се одлучи без Европа“, дециден е Албарес Буено.

„Нема одлука за Украина без Украина“, јасна е Бербок, нагласувајќи дека Европа мора да остане обединета. Полскиот министер Радослав Сикорски ја истакна потребата да се зајакне поддршката за Украина и се заложи за блиска трансатлантска соработка.

Слични содржини