Решението на украинската криза ќе се случи „релативно брзо или никогаш“, изјави синоќа американскиот претседател Доналд Трамп.
„Мислам дека направивме голем напредок и се движи прилично брзо. Или ќе се случи релативно брзо или воопшто нема да се случи“, рече Трамп на прес-конференција по средбата со британскиот премиер Кир Стармер во Белата куќа.
Стармер нагласи дека Британија е подготвена да испрати копнени трупи и воздушни сили за да обезбеди мир во Украина како дел од решението на конфликтот.
Потрагата по мир ќе продолжи утре на средбата со Володимир Зеленски, со кого Трамп има намера да потпише договори за минерални суровини.
„Ќе копаме, копаме, копаме“, нагласи Трамп.
Договорот за минерали со Украина „ќе поттикне долгорочен просперитет“ и ќе помогне во обновата по уништувањето на војната, сметаат од новата американска администрација.