Американскиот претседател Доналд Трамп е на „одмаздничка турнеја“ од 20 јануари годинава, кога и официјално ја презеде функцијата лидер на Америка. Оттогаш на мета се неговите политички противници, медиумите и институциите.
Како што пишува „Аксиос“, Трамп од првиот ден се занимава со своите противници, а во тоа му помагаат неговите соработници, пред се милијардерот Илон Маск.
Меѓу другото, мета на Трамп се медиумите како Асошиејтед прес, кои тој ги забрани во Белата куќа, Си-Би-Ес, Ен-Би-Си и Еј-Би-Си, против кои тој веќе започна истраги и Гласот на Америка, кој го распушти.
Покрај тоа, Трамп го таргетираше и семејството Бајден. Џо Бајден, неговиот претходник, изгуби пристап до доверливи информации, додека неговите деца Хантер и Ешли ја загубија заштитата на агентите на Тајната служба.
Обвинителите Летиција Џејмс и Алвин Брег, кои водеа истраги против Трамп во Њујорк, исто така го загубија пристапот до доверливите информации, како и генералот Марк Мили, поранешниот државен секретар Ентони Блинкен, поранешниот советник за национална безбедност Џејк Саливан и други членови на администрацијата на Бајден.
Трамп им се одмаздува и на своите поранешни соработници, за кои верува дека го предале, а Мајк Помпео, Брајан Хук и Џон Болтон, кои имаа високи позиции во неговиот прв мандат, ја загубија својата „придружба“ од Тајната служба.
Конечно, тој им се одмаздува и на владините функционери кои Трамп ги смета за „длабока држава“ и тука му помагаат Маск и неговиот неформален Оддел за владина ефикасност.
Одделот на Маск, иако не е официјален дел од американската влада, спроведува сопствени истраги за „ефикасноста“ на другите делови од извршната власт, поради што илјадници работници во бројни министерства и институции останаа без работа.
Иако „одмаздничката кампања“ на Трамп се забавува до одреден степен од судиите кои ги поништуваат неговите одлуки поради сомнителна уставност, американскиот претседател најави дека ќе продолжи со слични потези.