Трамп ја прифати номинацијата: Се кандидирам за претседател на цела Америка, а не на половина

од Nikola Popovski
39 прегледи

„Ќе победиме“, била пораката на Доналд Трамп на крајот на Националната конвенција на Републиканците, каде што ја прифати претседателската номинација на партијата во пресрет на изборите на 5 ноември.

„Многу наскоро ќе ја направиме Америка повторно голема“, рекол поранешниот американски претседател, користејќи го својот слоган од кампањата.

„Се кандидирам за претседател на цела Америка, а не на половина – затоа што нема победа во триумфот на еден дел“, рекол тој во обраќањето кое траело час и половина.

Во својот прв говор по обидот за атентат на 13 јули на партиски митинг во Пенсилванија, тој рекол дека се обраќа со порака на доверба, сила и надеж.

„За четири месеци ќе постигнеме голема победа. Ќе се справиме со безбедносните проблеми, треба да ги решиме поделбите – затоа што ја делиме судбината: или се креваме заедно или паѓаме заедно“, им рекол тој на насобраните лица во градот Милвоки, во американската сојузна држава Висконсин.

„Тука сум да презентирам визија за целата нација, за секој граѓанин, без разлика дали сте млад или стар, маж или жена, демократ, републиканец или независен, црнец, бел, Азиец или Хиспанец: Ви ја подавам раката на верност и пријателство“, изјавил републиканскиот кандидат за претседател на САД, пренесува Гласот на Америка.

Во обраќањето во кое изјави дека со еднаш ќе го спомене името на актуелниот американски претседател Џо Бајден, веројатниот кандидат на Демократската партија, Трамп рекол дека на САД им е потребна влада која ќе биде во служба на граѓаните како никогаш досега.

„Не смееме да се демонизираме едни со други од политички причини, Демократската партија треба да престане да го злоупотребува правниот систем и да ги етикетира неистомислениците како противници на демократијата“, рекол Трамп, алудирајќи на судските процеси што моментално се водат против него, тврдејќи дека тие се политички мотивирани, чија цел е да го спречат неговиот реизбор.

Слични содржини