Кампањата на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп поднела жалба до Сојузната изборна комисија во САД во вторникот, тврдејќи дека потпретседателката Камала Харис не може легално да бара средства собрани од кампањата за реизбор на претседателот Џо Бајден.
Американскиот претседател Џо Бајден, 81-годишен демократ кој беше во тесна трка со републиканскиот противкандидат Трамп, ја поддржа Харис откако во неделата објави дека нема да се кандидира за втор претседателски мандат. Харис ја презеде контролата врз сметките за кампањата на Бајден и ги доби ветувањата на мнозинството делегати кои ќе го одредат претседателскиот кандидат на партиската конвенција следниот месец, соопштиле од нејзината кампања.
Борбата за банкарската сметка, која има приближно 95 милиони долари на крајот на јуни, е дел од повеќекратните напори на републиканците да ја спречат Харис да стане лидер на демократската листа, пишува Ројтерс.
Кампањата на Трамп тврди дека Харис извршила „дрска проневера“, се вели во пријавата на Дејвид Ворингтон, генералниот советник на кампањата. Во поднесокот испратен до Ројтерс, Ворингтон истакнал дека Харис е во процес на извршување на, како што рече, „најголемото прекршување во финансирањето на кампања во американската историја“.
Саурав Гош, адвокатка во „Campaign Legal Center“, непартиска група за набљудување, порачала дека нејзиното барање за парите треба да биде сигурно бидејќи Харис веќе била дел од „Бајден за претседател“ како потпретседателка.
Во секој случај, изборните регулаторни тела веројатно нема да го решат проблемот пред претседателските избори на 5 ноември, пишува Ројтерс.