Соединетите Американски Држави ја прекинуваат сета воена помош за Украина додека американскиот претседател Доналд Трамп не одлучи поинаку, објави „Fox News“, повикувајќи се на висок претставник на Белата куќа.
„САД ја суспендираат сета американска воена помош за Украина додека претседателот Трамп не утврди дека Украинците се посветени на мировните преговори“, рекол водителот на каналот. Како што е наведено, ова не е трајна суспензија на помошта.
Коментирајќи ја одлуката, Белата куќа ги повика американските партнери да бидат посветени на постигнување мир.
„Претседателот јасно стави до знаење дека е фокусиран на мирот. Нам ни треба и нашите партнери да бидат посветени на таа цел“, вака „Вашингтон пост“ ја цитира администрацијата на Трамп.
Како што пишува „Њујорк Тајмс“, суспензијата на американската воена помош за Украина се однесува и на оружјето што се наоѓа во Европа.
„Трамп му нареди на секретарот за одбрана Пит Хегсет да ја запре испораката на целата американска воена опрема што сè уште не пристигнала во Украина, вклучително и оружјето во Европа“, се вели во објавата.
Самиот Трамп претходно одби да даде јасен одговор на прашањето за продолжување на воената помош за Украина, истакнувајќи дека ситуацијата во оваа област брзо се менува. Американскиот претседател истакна дека итно постигнување мир останува негов клучен приоритет.