Трамп на Twitter: Русија, подготви се за проектили, доаѓаат!

од desk2

Американскиот претседател Доналд Трамп ја предупреди Русија да се подготви откако Москва вети дека ќе одговори на какви било проектили испукани кон Сирија.

„Русија вети дека ќе ги собори сите проектили испукани кон Сирија. Е па, Русија, подготви се бидејќи доаѓаат – убави, нови и ‘паметни’! Не треба да бидеш партнер со ѕвер кој убива со гас, кој го убива својот народ и ужива во тоа!“

Твитот се чини дека е неофицијално најавување на „големите одлуки“ за кои Трамп рече дека Вашингтон ќе ги направи наскоро во однос на наводниот хемиски напад во Сирија.

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков одби да прогнозира за ситуацијата во Сирија и за тоа дали САД би можеле да изведат напад.

„Да не се водиме според медиумските извештаи, посебно да не се земаат предвид ефемерни извори“, посочи Песков.

Тој додаде дека претставниците на Кремљ се залагаат за непристрасна истрага за ситуацијата во Сирија, со цел да се дојде до веродостојни информации.

Песков истакна и дека рускиот претседател Владимир Путин за сега не планира телефонски да разговара со претседателот на САД, Доналд Трамп, претседателот на Франција, Емануел Макрон и со германската канцеларка Ангела Меркел.

Слични содржини