Американскиот претседател Доналд Трамп доцна синоќа повторно го поддржа својот советник, милијардерот Илон Маск, по критиките за неговиот план за намалување на федералната влада, истакнувајќи дека може да остане „колку што сака“, но дека на крајот ќе се врати на своите бизниси.
„Илон е фантастичен“, изјави Трамп за новинарите во Air Force One, додека патуваше кон сојузната држава Флорида.
Маск, извршниот директор на Tesla и SpaceX, се најде на удар на критики поради начинот на кој управува со Одделот за владина ефикасност (DOGE), што резултираше со отпуштање на илјадници државни службеници. Досега, речиси 200.000 вработени се отпуштени, на пат да бидат отпуштени или прифатиле отпремнина.
Како последица на овие мерки, продавници на Tesla во САД и ширум светот биле вандализирани, а за сабота е закажан национален протест против DOGE и политиките на Трамп.
Според извештаите на Politico и ABC, Трамп наводно им кажал на членовите на својот кабинет дека Маск наскоро ќе се повлече и ќе се врати во приватниот сектор, иако не е јасно дали тоа значи дека ќе замине пред истекот на неговиот мандат во мај.
Сепак, синоќа Трамп изјави дека Маск може да остане „колку што сака“. „Тој ќе остане одреден временски период, а потоа целосно ќе се врати на своите бизниси. Но, тој работи фантастична работа“, нагласи Трамп.
На прашањето колку долго ќе остане Маск, Трамп одговори: „Мислам дека неколку месеци“.
Белата куќа во средата соопшти дека Маск ќе остане на функцијата сè додека не ја заврши задачата на DOGE за намалување на владините трошоци и бројот на федерални вработени, отфрлајќи ги шпекулациите дека наскоро ќе ја напушти функцијата и ќе се врати во приватниот сектор.