Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, вчера го нападна лидерот на малцинството Републиканци во Сенатот, Мич Меконел, продлабочувајќи го конфликтот во врвот на таа партија откако ја загуби Белата куќа и контролата врз Сенатот.
„Мич е суров, лут и непријатен политичар и ако републиканските сенатори останат со него, тој нема да победи повторно“, рече Трамп, кој беше ослободен во саботата во Сенатот по второто судење за отповикување.
Трамп и Меконел се разделија неколку недели по претседателските избори на 3 ноември, а Трамп му замери што Меконел ја признал изборната победа на демократот Џо Бајден. Јазот меѓу нив се прошири откако Меконел во саботата во Сенатот рече дека Трамп е „практично и морално одговорен“ за упадот во Капитол на 6 јануари.
Меконел сепак гласаше за ослободување на Трамп, велејќи дека верува оти Уставот го ограничил отповикувањето и осудата на сегашните, а не на поранешните функционери.
Ројтерс известува дека двајцата се обидуваат да ја турнат партијата во спротивни насоки, Меконел да се врати на своите корени, додека Трамп, кој сè уште е поддржан од голем дел од републиканските гласачи, се залага за популистички пристап.