Американскиот претседател Доналд Трамп имплицитно изјави во понеделник дека треба да ја води Канада и ја повтори својата желба да ја анектира соседната земја и сојузник на САД, токму на денот на парламентарните избори што ќе го одредат следниот премиер на Канада.
„Среќно на големиот народ на Канада“, рече американскиот претседател во порака на неговата платформа Truth Social, повикувајќи ги Канаѓаните да „изберат човек кој има сила и мудрост да ги преполови вашите даноци, да ги зајакне вашите воени капацитети, бесплатно, на највисоко ниво во светот, да ги зголеми четирикратно автомобилските, челичните, алуминиумските, енергетските и сите други сектори, без царини или даноци, ако Канада стане драгоцената 51-ва држава на Соединетите Американски Држави“.
Тоа е опис што одговара на него самиот и на неговите често повторувани цели во врска со Канада. Земјата во понеделник ќе гласа за избор на премиер одговорен за решавање на невидената криза со својот сојузник САД и за преговорите со Доналд Трамп, особено за трговијата.
Американскиот претседател е присутен во кампањата за денешните предвремени канадски парламентарни избори до таа мера што речиси единственото прашање на изборите е кој, помеѓу либералот (левиот центар) Марк Карни, актуелниот премиер по оставката на Џастин Трудо, и конзервативниот (десниот) Пјер Поилиевре, двајцата главни кандидати, ќе биде најспособен да му се спротивстави.
Доколку Канада стане 51-ва американска држава, повеќе нема да има „вештачка линија“ како граница, напиша Доналд Трамп во понеделник, додавајќи со големи букви: „Нема граница. Само позитивни работи без негативност. Не може да биде поинаку!“
Соединетите Американски Држави „веќе не можат да ја субвенционираат Канада со стотици милијарди долари годишно како што правеа во минатото. Тоа нема смисла освен ако Канада не е земја (на САД)!“ рече американскиот претседател.
Владејачката Либерална партија на премиерот Марк Карни и опозициските Конзервативци, предводени од Пјер Поилиевре, се во тесна трка на општите избори во Канада во понеделник.
Најновите изборни анкети сè уште им даваат предност на либералите, но Конзервативната партија ја намали разликата.