Трамп: „Нешто ќе се случи со Гренланд, ќе дознаете колку далеку сум подготвен да одам“

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „нешто ќе се случи со Гренланд“, нагласувајќи дека островот е од клучно значење за безбедноста на САД, но и за глобалната безбедност.

од desk4
24 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ПОЛИТИКО

Изјавата ја даде на маратонска прес-конференција во Белата куќа, одговарајќи на прашања поврзани со неговите планови и односите со европските сојузници.

Трамп рече дека се закажани бројни состаноци посветени на Гренланд и дека очекува ситуацијата „да заврши прилично добро“. Притоа посочи дека постои решение со кое ќе бидат задоволни и тој и НАТО, повторувајќи ја оценката дека островот е неопходен од безбедносни причини.

Во контекст на европските реакции, од Европска унија беше најавено дека би можело да дојде до суспензија на трговскиот договор со САД, додека Данска предупреди дека евентуална американска воена акција на Гренланд би значела крај на НАТО.

Запрашан за односите со европските лидери, Трамп изјави дека има добар однос со францускиот претседател Емануел Макрон и со британскиот премиер Кир Стармер, иако, како што рече, „кога не се со него, знаат да бидат малку груби“. Тој повтори и дека не очекува Макрон уште долго да остане на функцијата.

Прес-конференцијата заврши по повеќе од час и половина, а Трамп најави заминување во Давос, каде ќе продолжи со меѓународните средби.