Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп објави на својата социјална мрежа „Truth Social“ дури две карти со додадена Канада, по неговите контроверзни предлози соседната земја да стане 51-ва сојузна држава на САД.
– О, Канада! – напиша Трамп под првата карта.
На таа карта територијата на Канада е обоена заедно со САД во боите на американското знаме. На друга мапа, Канада е обоена во иста боја како и САД, а преку неа со црни букви е испишано „Соединетите Американски Држави“.
Соседното Мексико е прикажано во друга боја на картата, а се гледа само неговиот северен дел.
Претходно на „Truth Social“, Трамп предложи Канада да им се приклучи на САД како одговор на најавата на премиерот Џастин Трудо за неговата намера да поднесе оставка.
Тој додаде дека обединувањето на двете земји ќе овозможи отстранување на трговските царини, намалување на даноците и гарантирање на целосна безбедност на Отава од наводните закани од руски и кинески бродови кои, според републиканецот, постојано ја опкружуваат Канада.
Самиот Трудо изјави дека „нема шанси“ неговата земја да стане дел од САД.
Тој додаде дека работниците и заедниците во двете земји имаат корист од заемното партнерство во трговијата и безбедноста.