Под засилени безбедносни мерки, денеска ќе биде инаугуриран Доналд Трамп како 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави. Поради очекуваните ниски температури и силни ветрови, церемонијата ќе се одржи внатре во Капитол во Вашингтон. Ова е 60-та претседателска инаугурација во САД и втора инаугурација на Трамп како претседател. На потпретседателската функција ќе биде назначен Џеј Ди Венс.
Настанот ќе се состои од церемонија за полагање заклетва, церемонија за потпис, инаугурациски ручек, процесија и парада. За свеченоста се очекуваат околу 200 илјади гости. На неколку локации ќе бидат организирани инаугурациските балови. Неколку демократи од Конгресот одлучија да ја бојкотираат инаугурацијата, а во Вашингтон се одржаа и протести.
На победничкиот говор, Трамп вчера изјави дека ќе ја врати гордоста на Америка.
„Возбуден сум што се вратив со толку многу пријатели, поддржувачи и вистински американски патриоти. Утре напладне се затвора завесата на четирите долги години американски пад. И започнуваме сосема нов ден на американската сила и просперитет, достоинство и гордост. Ќе ставиме крај на владеењето на неуспешниот и корумпиран политички естаблишмент во Вашингтон и неуспешна администрација“, порача новиот американски претседател.