Трамп потпиша средства само за владата, не и пакетот помош

од Vladimir Zorba
208 прегледи

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска потпиша мерка за продолжување на финансирањето на американските федерални агенции за уште една недела, објави Белата куќа. По повеќемесечни преговори, Конгресот на САД усвои пакет помош за граѓаните погодени од пандемијата во вредност од 892 милијарди долари, што сè уште чека одобрување од Трамп да стане закон.

Пакет мерки за поддршка на економијата и граѓаните погодени од коронавирусот во износ од 892 милијарди долари, што синоќа беше усвоен од Конгресот, сè уште чека на одобрување од Трамп за да стане закон.

Пакетот помош најпрво беше одобрен во Претставничкиот дом со гласовите на републиканците и демократите, а доцна во понеделникот вечерта беше усвоен од Сенатот со 92 гласа „за“ и 6 „против“.

Членовите на Конгресот, во меѓувреме, преминаа на проблемот со финансирање на федералната влада до 28 декември, за да спречат нејзината работа да биде прекината.

Пакетот вклучува исплата на помош во износ од 600 долари на повеќето Американци, како и дополнителни исплати на милиони луѓе кои останаа без работа за време на пандемијата Ковид-19.

Економските мерки за коронавирусот се насочени кон поддршка на американската економија по повеќемесечна неактивност, бидејќи новиот бран на Ковид-19 продолжува да беснее низ целата земја, со просечно над 214,000 новозаразени луѓе секој ден. Досега, повеќе од 317,000 Американци починаа од Ковид-19.

Сеопфатниот пакет мерки вклучува исплати од 600 долари на повеќето американски граѓани, плус исплата на поволности за милиони луѓе кои останаа без работа за време на пандемијата, бидејќи претходната програма за тие поволности истекува во сабота.

Секретарот за финансии на САД, Стивен Мнучин, кој рече дека чековите со финансиска помош може да бидат испратени до луѓето веќе следната недела, го пофали усвојувањето на пакетот мерки денес на Конгресот.

Џо Бајден, американскиот избран претседател од редовите на демократите, објави дека го поддржува усвојувањето на финансискиот пакет помош – барајќи од Конгресот да разгледа дополнителни стимулации кога тој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.

„Пораката до секој на кој му е тешко е дека помошта доаѓа“, рече Бајден во изјавата издадена од неговата кампања.

Помошта за погодените од пандемијата е доведена во прашање со месеци бидејќи немаше нов договор, а постојната помош за невработените и мораториумот за иселување на оние кои не плаќаат закуп истекува на крајот на оваа година.

Доколку биде усвоен, новиот пакет помош ќе биде најзначајниот одговор на пандемијата откако Конгресот одобри помош од околу 2 трилиони долари во март, 1.200 американски долари за директни плаќања на повеќето Американци и 600 американски долари неделно надоместоци за невработени.