Трамп повторно шокираше: Украина еден ден би можела да биде руска територија

од Nikola Popovski
59 прегледи

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во интервју за „Фокс њуз“ дека Украина еден ден би можела да стане дел од Русија, бидејќи неговиот потпретседател Џеј Д. Венс се подготвува да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски во текот на оваа недела.

„Можеби ќе постигнат договор, можеби не. Можеби Украина еден ден ќе биде руска територија, можеби и не“, рекол Трамп. Тој, исто така, нагласил дека сака враќање на вложувањето кое се состои од американска финансиска помош за Украина, сугерирајќи дека помошта може да се врати преку украински природни ресурси, како што се ретките минерали.

„Ќе вложиме многу пари и сакаме да ни се врати назад. Сакам нашите пари да бидат осигурани, бидејќи трошиме стотици милијарди долари. Им реков дека сакам противвредност- околу 500 милијарди долари во ретки минерали“, соопштил Трамп. „И тие во основа се согласија со тоа, така што барем не се чувствуваме глупави. Во спротивно – ќе бидеме глупави“, потенцирал Трамп.

Трамп, исто така, потврдил дека ќе го испрати својот специјален пратеник Кит Келог во Украина, чија задача е да подготви предлог за прекин на борбите.

Додека американскиот претседател инсистира на завршување на конфликтот што е можно поскоро, Зеленски бара силни безбедносни гаранции од Вашингтон како дел од каков било договор со Русија. Киев стравува дека секој договор што не вклучува конкретни воени обврски – како што е членството во НАТО или распоредувањето на мировните сили, само ќе му даде на Кремљ време да се прегрупира и повторно да се вооружи за нов напад.

Портпаролот на Зеленски, Серхи Никифоров, изјави за АФП дека украинскиот претседател ќе се сретне со Венс на маргините на Минхенската безбедносна конференција. Извор од кабинетот на Зеленски потврдил дека Келог ќе пристигне во Украина на 20 февруари, но не е прецизирано кои локации ќе ги посети.

Слични содржини