Американскиот претседател Доналд Трамп денеска објави кратка порака пред заминувањето на средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска. „Високи влогови!!!“, напиша Трамп.
Пораката беше објавена на неговата социјална мрежа „Трут соушал“.
Белата куќа соопшти дека во делегацијата што ќе го придружува се државниот секретар Марко Рубио, секретарот за трговија Хауард Латник и директорот на ЦИА, Џон Ратклиф.
Путин, пак, на пат кон Алјаска слета во рускиот далечен исток, во регионот Магадан, каде што, според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, реализира „целосна регионална посета“, вклучувајќи обиколка на индустриски погон и средба со гувернерот на регионот. Патувањето од Москва до Магадан трае околу осум часа, а од таму до Анкориџ уште четири часа.
Во изјава пред новинарите во Белата куќа, Трамп изрази уверување дека Путин сака мир во Украина и дека нема да „си игра“ на средбата.
„Ќе дознаеме многу брзо каде стоиме – во првите две, три, четири или пет минути… Ако состанокот е лош, ќе заврши многу брзо. Ако е добар, ќе постигнеме мир во блиска иднина, рече Трамп, додавајќи дека војната во Украина „никогаш не требало да се случи“.
Самитот на Трамп и Путин ќе почне во 21.30 часот по средноевропско време.
Со „воздухопловен конвој“ руската делегација пристигна во Алјаска