
Претседателот на САД, Доналд Трамп, им соопштил на своите соработници дека би сакал да се сретне лично со рускиот претседател Владимир Путин пред изборите во ноември во САД, објави телевизијата „Ен-Би-Си Њуз“, повикувајќи се на свои извори.
Телевизијата наведува дека администрацијата разгледувала неколку варијанти за местата и датумите на самитот, вклучително и септември во Њујорк. Администрацијата смета дека целта на таков самит е да се објави напредок во развојот на договор за контрола на нуклеарно оружје.
Една од варијантите што ги разгледува американската страна предвидува нацрт-договор за понатамошни преговори за продолжување на Договорот за стратегиско намалување на оружјето, што би го потпишале лидерите на двете држави.
Извори на телевизијата посочуваат дека ова ќе му овозможи на Трамп пред изборите да покаже дека може да преговара за договори, пренесува Спутник.
Белата куќа изјави за „Ен-Би-Си Њуз“ дека Трамп ќе одржи состаноци со светските лидери пред изборите, но не прецизирал ништо конкретно за можноста за контакт со рускиот претседател.
Трамп порано изјави дека веројатно нема да ја поддржи идејата на Путин за одржување на онлајн самит на Советот за безбедност на ОН за Иран, велејќи дека тој повеќе би сакал да го остави за периодот по изборите.
Што се однесува до преговорите меѓу Русија и САД за контрола на оружјето, уште една рунда преговори за оваа и други прашања од стратешка стабилност ќе се одржи во Виена од 16 до 18 август помеѓу рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков и американскиот специјален пратеник за контрола оружје, Маршал Билингсли.