Трамп се надева дека војната во Украина е при крај, Макрон бара мир без капитулација на Украина

од Nikola Popovski
23 прегледи

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се надева оти војната во Украина е при крај, по вчерашната средба со францускиот претседател Емануел Макрон во Белата куќа во Вашингтон.

Францускиот претседател на заедничката прес-конференција со Трамп по разговорите предупреди дека мирот не може да значи „капитулација на Украина“.

„Никој не сака да живее во свет каде што може да се наметне законот на најсилните“, рече Макрон. „Ние многу се восхитуваме на храброста на украинскиот народ во борбите на таа земја против Русија“, додаде Макрон.

Истакна дека прекинот на огнот меѓу Москва и Киев „нема да се одржи“ без безбедносни гаранции.

Во воведниот говор на прес-конференцијата, Макрон рече дека европските земји мора да придонесат повеќе за одбраната и безбедноста на нивниот континент, намалувајќи го финансискиот притисок врз САД, кои го носат најголемиот дел од финансискиот товар.

„Како Европејци, ние сме посветени да учествуваме во овие безбедносни гаранции. Многу сме свесни дека Европејците треба да направат повеќе за безбедноста во Европа, за одбраната во Европа и на пофер начин да го споделат безбедносниот товар што вашата земја го носеше толку многу години“, му рече Макрон на Трамп.

Тој додаде дека крајот на борбите во Украина, кои денеска ја одбележуваат својата трета годишнина, не може да биде „прекин на огнот без гаранции“.

Францускиот претседател рече дека украинскиот суверенитет е „егзистенцијално прашање за стабилноста во Европа“.

„Украина беше во можност да го држи предниот дел на нашата колективна безбедност. „Последниве неколку години се бори за својата независност и суверенитет, но и за колективна безбедност“, кажа Макрон.

Трамп тврдеше дека војната никогаш немаше да се случи доколку тој беше претседател и дека постигнал поголем напредок кон мирот во Украина „отколку што беше во последните три години“.

„Нашиот фокус е на постигнување прекин на огнот што е можно поскоро и на крајот на постигнување траен мир. Мојата средба со претседателот Макрон е многу важен чекор напред“, рече шефот на САД.

Трамп порача дека е „задоволен што претседателот Макрон се согласува дека трошоците и товарот за обезбедување мир мора да ги сносат европските земји, а не само САД“.

„Исто така, верувам дека и даночните обврзници на САД заслужуваат да ги вратат огромните суми пари што ги испративме“, посочи Трамп и вети дека целосно ќе ја раскине политиката на демократскиот претседател Џо Бајден за Украина и рече дека разговорите меѓу Русија и неговата администрација „прилично брзо“ се движат кон мир.

Прес-конференцијата беше одржана по денешната средба на Трамп и Макрон во Белата куќа и претходно во текот на денот нивната заедничка видеоконференција со лидерите на Групата седум најнапредни либерални економии.

Макрон рече и дека разговарал со Трамп за „лојалната конкуренција во трговијата“, односно за одвраќањето на американскиот претседател да воведе нови царини за земјите од ЕУ.

Слични содржини