Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе му дозволи на лидерот во областа на производство на чипови со вештачка интелигенција Nvidia да ги извезува и продава своите напредни H200 чипови на „одобрени клиенти“ во Кина.
Одлуката ќе важи и за други американски производители на чипови како AMD и доаѓа по обемно лобирање од страна на извршниот директор Јенсен Хуанг, кој го посети Вашингтон минатата недела за да добие поддршка.
„Ќе ја заштитиме националната безбедност, ќе создадеме американски работни места и ќе го одржиме американското лидерство во вештачката интелигенција“, сподели Трамп на социјалните медиуми во понеделник.
Од друга страна, Nvidia, водечката светска компанија за чипови, се најде во центарот на геополитички спор меѓу САД и Кина во последните месеци и ѝ е забрането да ги продава своите најнапредни чипови на Пекинг.
Трамп ја укина забраната за продажба на чипови во јули, но побара Nvidia да плати 15 проценти од своите кинески приходи на американската влада. Пекинг потоа наводно им наредил на своите технолошки компании да престанат да купуваат чипови на Nvidia направени за употреба на кинескиот пазар.
„Ја поздравуваме одлуката на претседателот Трамп да ѝ дозволи на американската индустрија за чипови да се натпреварува во поддршката на високо платени работни места и производство во Америка“, изјавија од Nvidia за Би-Би-Си њуз.
Хуанг, исто така, изјави за Би-Би-Си во септември дека САД мора „да обезбедат пристап до оваа технологија за целиот свет, вклучително и за Кина“.