Американските претставници го финализираа новиот пакет економски санкции против Русија, вклучувајќи мерки насочени кон банкарскиот сектор и енергетиката, со цел да се зголеми притисокот врз Москва да ги прифати мировните напори на американскиот претседател Доналд Трамп, објави Ројтерс, повикувајќи се на тројца американски претставници и друг добро информиран извор.
Руски нафтен гигант на мета
Новите санкции се насочени кон државниот руски енергетски гигант „Газпром“ и други големи компании во секторите за природни ресурси и банкарство, изјави претставник на американската администрација. И тој и другите извори побараа анонимност поради чувствителноста на темата.
Не се објавени дополнителни детали за предложените мерки.
Сепак, не е јасно дали претседателот Трамп ќе го одобри пакетот, бидејќи неговото разбирање на позициите и потезите на Русија во последните недели отстапи место на фрустрацијата поради одбивањето на рускиот претседател Владимир Путин да ги прифати повиците за прекин на огнот и мировни преговори, според Ројтерс.
Се чека одлуката на Трамп
„Советот за национална безбедност на САД се обидува да координира низа построги мерки против Русија“, рече извор запознаен со ова прашање, додавајќи: „Трамп мора да го одобри тоа“.
„Конечната одлука е негова“, потврди друг американски функционер.
„Од самиот почеток, претседателот беше јасен во врска со својата посветеност на постигнување целосен и сеопфатен прекин на огнот“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност, Џејмс Хјуит. „Не коментираме за деталите од тековните преговори.“
Министерството за финансии на САД, кое ги спроведува повеќето санкции, не одговори на прашањето на Ројтерс.
Новите санкции би значеле заострување на односите со Кремљ
Доколку Трамп ги одобри новите санкции, кои би следеле по неговото потпишување на договор со Украина оваа недела за експлоатација на суровини, кој тој силно го промовираше како дел од мировна иницијатива, тоа би можело да значи заострување на неговиот однос со Кремљ.
САД и нивните сојузници воведоа серија санкции врз Русија откако таа започна целосна инвазија на Украина во 2022 година. Иако овие мерки предизвикаа значителна штета на руската економија, Москва успеа да заобиколи дел од санкциите и да продолжи да ја финансира војната.
„Трамп му даде шанса на Путин, ова е следната фаза“
„Трамп се потруди максимално да му даде на Путин секоја можност да каже: „Добро, прифаќаме прекин на огнот и крај на војната“, рече Курт Волкер, поранешен американски пратеник во НАТО и специјален претставник за Украина за време на првиот мандат на Трамп, додавајќи: „Ова е следната фаза на притисок врз Русија“.
„Путин ескалира“, додаде Волкер. Трамп „и Украина сега заеднички повикуваат на итен и целосен прекин на огнот, а Путин е единствениот што одбива“.
Откако повторно ја презеде функцијата во јануари, Трамп презеде низа потези за кои се верува дека ги зголемиле шансите Москва да го прифати неговиот мировен план. Меѓу другото, тој ја распушти работната група на Министерството за правда задолжена за спроведување санкции и таргетирање на олигарсите блиски до Кремљ.
о неодамна, Трамп велеше дека Украина е виновна за војната, нарекувајќи го Зеленски диктатор
Тој, исто така, даде изјави во поддршка на Москва, вклучително и лажно тврдење дека украинскиот претседател Володимир Зеленски е одговорен за избувнувањето на конфликтот и дека тој е „диктатор“.
Во исто време, специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, се залагаше за мировен план според кој четири украински региони ќе бидат предадени на Русија, а тој веќе се сретна со Путин четири пати, последниот пат минатата недела.
Русите не покажаа подготвеност да направат какви било отстапки и продолжија брутално да напаѓаат
Но, само три дена по таа средба, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги повтори максималистичките барања на Кремљ за договор, додека руските сили продолжија со офанзивните операции и нападите со ракети и беспилотни летала врз украинските градови, со нови цивилни жртви.
Ројтерс во март објави дека САД подготвуваат план што би можел да ѝ овозможи на Русија да ги ублажи санкциите, но Трамп го изрази своето незадоволство од двоумењето на Путин во последните недели и минатата сабота одржа, како што рече, „многу продуктивен“ состанок со Зеленски во Ватикан.
Трамп по средбата со Зеленски: Можеби Путин развлекуа
Следниот ден, Трамп напиша на својата мрежа Truth Social дека „сериозно размислува за обемни банкарски санкции, царини и други мерки против Русија“ кои ќе останат на сила сè додека не се постигне прекин на огнот и конечен мировен договор. „Можеби Путин не сака крај на војната, можеби само се задева со мене“, напиша Трамп.
Волкер рече дека Русија сè уште заработува странска валута за финансирање на војната со продажба на нафта и гас на земји како Индија и Кина и дека би било „многу значајно“ доколку Трамп воведе секундарни санкции за такви договори.
Секундарните санкции се мерка со која една земја казнува трета земја за тргување со целен субјект, како на пример, со тоа што ѝ го одзема пристапот до сопствениот пазар. Поради големината на американската економија, тоа е особено моќна алатка.