Трамп, кој го засилува притисокот во својата намера за припојување на Гренланд, се соочи со прашања за следните чекори за време на разговор со новинарите во Овалната соба, пренесува TIME.
Не го исклучи напуштањето на НАТО
На прашање дали би бил подготвен да го напушти НАТО, Трамп одговори:
„Па, не би ви кажал што сум подготвен да направам. Но, Гренланд е исклучително важен за националната безбедност, вклучително и за безбедноста на Данска. Не постои ништо што Данска може да го направи ако Русија или Кина посакаат да го окупираат Гренланд.“
„Гренланд е многу важен за нашата национална безбедност“, рече Трамп, повторувајќи го својот аргумент за територијата што ѝ припаѓа на Кралството Данска и додавајќи дека има многу опции на располагање. „Тоа го видовте минатата недела со Венецуела“, додаде тој, алудирајќи на операција што довела до апсење на соборениот венецуелски претседател Николас Мадуро и неговата сопруга.
Данска и европските сојузници реагираат
Данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен изјави дека и понатаму постои „фундаментално несогласување“ меѓу Данска и САД околу иднината на Гренланд. Како демонстрација на сила, Данска најави проширување на своето воено присуство на островот и околу него. Неколку европски сојузници, меѓу кои и Шведска и Германија, се обврзаа да испратат воен персонал на таа територија.
Данската премиерка Мете Фредериксен во четвртокот порача дека одбраната на Гренланд е „заедничка грижа“ на целиот НАТО. Слично изјави и данскиот министер за одбрана Тролс Лунд Поулсен, кој во Копенхаген рече дека Данска планира „поголемо и потрајно“ присуство на НАТО за да се обезбеди безбедноста на островот. „Клучно е да се покаже дека безбедноста на Арктикот не е само прашање за Кралството Данска, туку за целиот НАТО“, истакна Поулсен.
НАТО и арктичката безбедност
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте претходно неделава ја нагласи важноста на „Арктикот и арктичката безбедност, бидејќи со отворањето на поморските рути постои ризик Русите и Кинезите да бидат поактивни“. Тој додаде дека се водат разговори за начините за обезбедување на ова геополитички значајно подрачје.
Сепак, Трамп, кој и претходно упатуваше критики кон алијансата, тврди дека сè помалку од американска контрола над Гренланд е „неприфатливо“ и инсистира дека НАТО „треба да го предводи патот за [САД] да го добијат“. Бидејќи Трамп и порано ја спомнувал можноста за напуштање на НАТО поради други спорови, расте загриженоста околу односите меѓу САД и алијансата.
Што е НАТО?
Организацијата на Северноатлантскиот договор НАТО е основана во 1949 година и денес брои 32 земји членки. Според алијансата, темелните принципи на основањето биле: „одвраќање на советскиот експанзионизам, спречување на повторното заживување на националистичкиот милитаризам во Европа преку силно северноамериканско присуство и поттикнување на европската политичка интеграција“.
По Втората светска војна, САД, Белгија, Канада, Данска, Франција, Исланд, Италија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Португалија и Обединетото Кралство го потпишаа Вашингтонскиот договор во април 1949 година, кој и денес го претставува темелот на НАТО.
Во клучниот член 5 се наведува: „Страните се согласуваат дека вооружен напад врз една или повеќе од нив во Европа или Северна Америка ќе се смета за напад врз сите.“
Кога САД се приклучија на НАТО?
САД се клучна членка на НАТО од самиот почеток. При формирањето на договорот во 1949 година, тогашниот американски претседател Хари Труман изјави дека со пактот се создава „штит против агресија и страв од агресија“ и нагласи дека земјите ги поврзуваат „заедничкото наследство на демократијата, индивидуалната слобода и владеењето на правото“.
Што рекол Трамп за можниот излез?
За време на својот прв, а и на почетокот на вториот мандат, Трамп често го критикуваше НАТО, главно поради издвојувањата за одбрана. Во август 2018 година тој се присети на разговор со претставници на алијансата: „Некој рече: ‘Дали би нè напуштиле ако не ги платиме сметките?’ Го мразеа мојот одговор. Реков: „Да, би размислил за тоа.“
Во декември 2024 година, пред враќањето во Белата куќа, Трамп изјави дека НАТО ги „искористувал“ САД и дека Америка ќе остане членка само ако другите „ги плаќаат своите сметки“. Минатата година тој успеа да ги убеди лидерите на НАТО да се согласат на зголемување на издвојувањата за одбрана на 5% од БДП до 2035 година.
Може ли Трамп правно да го напушти НАТО?
Правни експерти предупредуваат дека таков чекор би бил сложен. „Законот за национална одбрана од 2024 година настојуваше да постави силна правна сопирачка за секој обид за повлекување на САД од НАТО, забранувајќи му на претседателот да го стори тоа без двотретинско мнозинство во Сенатот или акт на Конгресот“, вели Илариjа ди Џоја, професорка по американско право на Универзитетот Бирмингем Сити, додавајќи дека „овие правни ограничувања сепак не се целосно цврсти“.
Таа појаснува дека Трамп би можел да се обиде да ги заобиколи ограничувањата повикувајќи се на претседателските овластувања во надворешната политика. „Нејасно е дали некоја страна би имала правен легитимитет да го оспори таквиот потег на суд“, вели таа.
„Веќе е нанесена штета“
Професорот по право на Универзитетот во Чикаго, Кертис Бредли, потсетува дека постои преседан, повлекувањето на претседателот Џими Картер од одбранбен договор со Тајван во 1978 година. Сепак, поради Законот од 2024 година, евентуален излез на САД од НАТО би бил значително покомплициран и би можел да има сериозни правни последици.
Експертите се согласуваат дека самото преиспитување на членството веќе нанело штета. „Самата идеја за излез на САД ја нагризува довербата, кохезијата и кредибилитетот на колективната одбрана“, вели Ди Џоја. Бредли додава дека формалното повлекување е помалку веројатно од продолжување на „тензиите со НАТО“, но заклучува: „Трамп и досега знаел да изненади“.