Трамп тврди дека Си Џипинг го повикал на преговори, Кина демантира – целосен хаос поради царините и тешки зборови упатени до претседателот на САД

од Марта Пешевска
89 прегледи

Соединетите Американски Држави се обратиле до Кина преку повеќе канали со цел да започнат разговори околу високите царини од 145 проценти воведени од администрацијата на претседателот Доналд Трамп, објави денес профил поврзан со кинеските државни медиуми на платформата Веибо.

„САД проактивно контактираа со Кина преку повеќе канали, надевајќи се дека ќе водат разговори за прашањето со царините“, напиша профилот Јуџуан Тантијан, повикувајќи се на анонимни извори.

Меѓутоа, официјален Пекинг ги негира овие информации. Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, вчера изјави: „Колку што ми е познато, немало никакви разговори или преговори меѓу Кина и САД за царините“.

Овие спротивставени информации доаѓаат по изјавата на Доналд Трамп дадена во интервју за американски медиуми минатиот петок, во кое тој тврди дека неговата администрација е во контакт со Пекинг за можен договор околу царините. Според него, кинескиот претседател Си Џинпинг лично го повикал.

И покрај овие тврдења, кинеските власти во повеќе наврати минатата недела негираа дека постојат активни преговори, обвинувајќи го Вашингтон за „заблуда на јавноста“.

Профилот Јуџуан Тантијан не се смета за еден од највлијателните во мрежата на државни медиуми, за разлика од „Глобал тајмс“, весник под контрола на Комунистичката партија на Кина, кој традиционално прв објавуваше информации поврзани со надворешната политика и трговските односи.

Трамп вчера повторно изјави дека постои „многу голема шанса“ неговата администрација да постигне нов договор со Кина. Неколку часа претходно, кинескиот претседател Си ги повика институциите и економијата на земјата да се прилагодат на промените на меѓународната сцена, не споменувајќи ги директно САД.

Ситуацијата останува нејасна, додека двете страни испраќаат спротивставени сигнали за можноста од нови трговски преговори.

Слични содржини