Трамп вечерва ја претставува „Обновата на американскиот сон“ – најави „нешто големо“

од Nikola Popovski
3 прегледи

Американскиот претседател вечерва ќе се обрати на заедничката седница на Конгресот. Обраќањето следи по најавата дека САД и Украина треба да потпишат долгоочекуван договор за минерали и изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека е „подготвен да седне на преговарачка маса под раководство на САД“ за да се стави крај на војната меѓу Украина и Русија.

Доналд Трамп ќе одржи говор на заедничката седница на Конгресот вечерва (по наше време), а темата ќе биде „Обнова на американскиот сон“.

Интензивното темпо на работа на Трамп по враќањето во Белата куќа беше обележано со повеќе од 200 извршни наредби на неговиот прв ден на функцијата, а неговиот говор се очекува да повика на поширока поддршка за овие иницијативи.

Според извори од Белата куќа, Трамп во својот говор ќе се осврне на четири главни теми:

-Достигнувања на администрацијата за време на нејзиниот втор мандат, и на домашен и на меѓународен план.

-Влијанието на политиките на Трамп врз економијата.

-Притисок врз Конгресот да одобри дополнително финансирање за граничната безбедност.

-Планови за постигнување глобален мир.

Трамп ќе ги истакне достигнувањата на неговата администрација откако се врати во Белата куќа и ќе побара од Конгресот дополнително финансирање за неговата строга политика за имиграција.

„Ова е можност за претседателот Трамп да прикаже, на свој уникатен начин, месец на рекордни достигнувања“, рече неговиот постар советник Стивен Милер.

Демократите, кои главно ја бојкотираа инаугурацијата на Трамп во јануари, ги избегнуваат повиците за бојкот на говорот, но поканија гости кои ги симболизираат негативните последици од политиката на Трамп, како што се отпуштените федерални работници и луѓето погодени од буџетските кратења на Медикеид, програмата за здравствено осигурување финансирана од американската влада за луѓе со ниски примања.

Меѓу отпуштените работници се инвалидизиран ветеран кој неодамна беше отпуштен од позиција во канцеларијата за прашања на ветераните, ренџер на Службата за национални паркови и Кајл Ран, воен ветеран со хендикеп кој неодамна беше отпуштен од американската Агенција за сајбер безбедност и инфраструктура.

Колку за потсетување, Трамп го формираше Одделот за владина ефикасност (DoGE), на чело со Илон Маск, со цел драстично да го намали бројот на вработени во федералната администрација. После тоа почнаа контроверзните масовни отпуштања.

Лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, рече: „Наместо да се фокусира на американските семејства и реалните прашања, претседателот Трамп го фокусираше својот прв месец на функцијата на даночни олеснувања за милијардерите, на сметка на оние на кои вети дека ќе им помогне“.

Трамп во својот говор ќе се осврне на своите контроверзни одлуки за Украина и Блискиот Исток. Во понеделникот, тој нареди замрзнување на американската воена помош за Украина, ставајќи крај на долгогодишната поддршка во борбата против руската инвазија, истовремено притискајќи ја Украина да започне мировни преговори со Русија. Во вторникот беше објавено дека САД и Украина треба да потпишат долгоочекуван договор за минерали.

На Блискиот исток преговорите за продолжување на примирјето меѓу Израел и Хамас се во застој. Трамп размислува за трајно преселување на палестинските цивили од Газа и можноста за американско „преземање на територијата“, што предизвикува тензии во регионот.

Пред говорот, Трамп дополнително ги зголеми царините за увоз од Канада, Мексико и Кина, предизвикувајќи стравувања од поширока трговска војна.

Слични содржини