Американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување царини за сите автомобили што не се произведени во САД.
Трамп во средата ги објави плановите да воведе огромни тарифи од 25 отсто за автомобили од странство, неколку дена пред претседателот да објави големи давачки за други стоки од целиот свет, објави британски Гардијан.
„Она што ќе го направиме е да воведеме царини од 25 отсто за сите автомобили што не се произведени во САД“, рече Трамп во Овалната соба. „Почнуваме со база од 2,5 проценти, на која што сме сега, и одиме до 25 проценти“.
Во февруари, Трамп ја претстави идејата за цариниа од 25 отсто за увезените возила, но не понуди други детали. Во понеделникот, тој навести дека давачките за автомобилската индустрија би можеле да дојдат во „многу блиска иднина“. На 2 април, денот кога Трамп го нарече „ден на ослободувањето“, се очекува претседателот да претстави широк спектар на таканаречени реципрочни царини – давачки за увезените стоки за кои администрацијата на Трамп тврди дека се неправедно оданочени од американските трговски партнери.
Трамп долго време тврди дека трговските партнери ги мамат САД и дека царините се најдобриот лек. Но, неколку пати ги одложуваше или разводнуваше царините. Неговиот став ги загрижи инвеститорите, што доведе до остра распродажба на американските берзи и се покажа непопуларен и кај корпоративната Америка и кај потрошувачите.
Многу економисти, исто така, изразија загриженост, предупредувајќи дека тарифниот план на претседателот ќе ризикува да ги зголеми цените низ САД.