Трамп за лошите економски бројки на САД го обвини Бајден: „Тоа е негова берза“

од Марта Пешевска
73 прегледи

Денеска беа објавени нови економски податоци за состојбата во САД, кои покажуваат значаен пад на економската активност во првиот квартал од 2025 година. Бруто-домашниот производ (БДП) се намали за 0,3 проценти, додека индексот на доверба кај потрошувачите бележи пад од дури 32 проценти во април. Овие резултати ги поттикнаа првите реакции од американскиот претседател Доналд Трамп, кој вината за негативните економски показатели ја префрли на Џо Бајден.

„Ова е берзата на Бајден, а не на Трамп. Јас ја презедов функцијата дури на 20 јануари“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.

Тој додаде дека новите царини, кои наскоро треба да стапат во сила, ќе придонесат за враќање на производството во САД.

„Нашата економија ќе експлодира, но прво мора да се ослободиме од она што ни го остави Бајден. Ова ќе потрае, но вината не е во царините, туку во лошите бројки што ги наследивме. Кога економијата ќе се опорави, тоа ќе биде нешто што досега не сте го виделе. Бидете трпеливи“, изјави Трамп.

Сепак, економските аналитичари предупредуваат дека токму најавата за нови царини има директно негативно влијание врз економската состојба. Според нив, дополнителен ризик претставува целосното спроведување на царините, чија примена Трамп ја одложи за 90 дена на 9 април. Со два последователни квартали со негативен економски раст, САД би можеле да влезат во техничка рецесија, сценарио што, според експертите, може дополнително да се влоши доколку новите трговски бариери стапат во целосна примена.

Слични содржини