Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го отфрли обвинението против него за тајно исплаќање на порно актерката Сторми Вилијамс како „политички прогон и мешање во изборите“ и порача дека е „целосно невин“.
Трамп посочи дека нема да се откаже од трката за претседател на САД во 2024 година, пренесува „Ројтерс“.
„Ова е политички прогон и мешање во изборите на највисоко ниво досега забележано во историјата“, рече Трамп во изјавата.
Тој го обвини американскиот обвинител Алвин Брег дека се обидува да ги загрози неговите шанси да го победи демократскиот претседател Џозеф Бајден на претседателските избори во САД.
„Од моментот кога се симнав од златниот ескалатор на Трамп Тауер, па дури и пред да положам заклетва како ваш претседател на Соединетите Држави, радикалните левичарски демократи – непријателите на вредните мажи и жени на оваа земја – беа ангажирани во лов на вештерки за уништување на движењето ‘Направи ја Америка повторно голема’“, рече Трамп.
„Обвинија целосно невино лице во чин на очигледно мешање во изборите“, рече тој.
Трамп нагласи дека тоа никогаш не се случило во „историјата на нашата нација“.
„Демократите мамеа безброј пати во текот на децениите, вклучително и шпионирање на мојата кампања, но користењето на нашиот правосуден систем како оружје за казнување на политичкиот противник, кој е претседател на САД и водечки републикански претседателски кандидат, никогаш не се случило претходно. Никогаш“, рече Трамп.
Тој го нарече окружниот обвинител на Менхетен, Алвин Брег, „срам“ и рече дека е лично избран и финансиран од Џорџ Сорос.
Тој го изрази своето верување дека „овој лов на вештерки масовно ќе му се удри од глава на Бајден“, пренесе Си-Ен-Ен.
„Американскиот народ точно разбира што прават овде радикално леви демократи. Секој може да го види тоа. Значи, нашето движење и нашата партија – обединети и силни – прво ќе го победиме Алвин Брег, потоа ќе го победиме Џо Бајден и ќе го исфрлиме секој последен од овие гнили демократи од функцијата за да ја направиме Америка повторно голема“, рече Трамп.
Трамп се соочува со повеќе од 30 точки од обвинението за деловна измама во обвинението поднесено од големата порота на Менхетен, пренесоа двајца извори запознаени со случајот.
Ова е првпат во историјата на САД актуелен или поранешен претседател да се соочи со кривична пријава, пренесува „Танјуг“.
Се очекува Трамп да се појави на суд во вторник, изјавија повеќе извори за Си-Ен-Ен.