Тренчевска: Ако сакаме брза изградба на коридорите треба да има прекувремена работа, таа ќе биде платена

од Vladimir Zorba

Министерството за труд и социјална политика се вклучува во подготовката на законските одредби за прекувремената работа на работниците во проектот за изградба на коридорите 8 и 10д од страна на конзорциумот „Бехтел и Енка“, што се доставени во Собранието на предлог на пратеници.

-Пратенците го поднесоа законот, а сега по реакциите сите се вклучуваме за да ги заштитиме работничките права, рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во гостување на ТВ Телма.

Работната недела, наведе Тренчевска, е минимум 40 часа. Владата никаде не вели дека ќе биде 60 часа, туку дозволуваме повеќе од осум часа неделно зависно од процесот на работа.

Според неа, колку ќе се работи прекувремено ќе зависи од процесот на работа и временските услови, а за горната граница се разговара. Јавноста, посочи, била изманипулирана дека сите работници на коридорите ќе работат 60 часа неделно.

-Ако сакаме брза изградба треба да има прекувремена работа, таа ќе биде платена и од секој работник ќе има писмена согласност, посочи Тренчевска.

Коментирајќи ги критиките од синдикатите дека не биле консултирани за измените на Законот за работни односи, рече дека се работи за стратешки проект со исклучително влијание на развојот на општеството.

-Во таков случај мора да имаме исклучоци во делот на работното време, но со согласност со работникот и мора да се знае горната граница, а тоа го разговараме, посочи Тренчевска.

Слични содржини