На оваа власт не ѝ е во интерес животниот стандард на граѓаните, туку како да ги заштити своите бизниси и приватните компании, истакна потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, во емисијата „Топ тема“ на Телма. Таа се осврна на растот на цените на нафтата, храната и другите основни производи како последица на војната во Иран и на фактот што власта нема одговор како да се справи со кризата.
„Во март 2022 кога ние бевме власт, а ВМРО беше опозиција излегуваа со предлози за итни мерки. Денес кога се власт и кога дизелот ни се за 20%, кога бензинот ни се качи за 5 денари, а сега додека зборуваме, во маркетите зејтинот е 100 денари. Покачувањето на цените во маркетите ќе почне уште од утре. Џабе премиерот ги моли големите маркети да не ги покачуваат цените, кога сите производи поскапуваат. Во март 2022 година, Владата донесе одлука за 24 мерки, меѓу кои и намалување на повластена стапка на ДДВ за основните производи, замрзнување на маржите, ваучерите за основните производи…“, кажа Тренчевска во обраќањето до пратеникот Љупчо Пренџов, додавајќи дека тоа што претходната Влада го направиле во март 2022 година, оваа власт нема никогаш да го направи, бидејќи, како што вели, никогаш не им е во интерес стандардот на граѓаните туку како да ги заштитат приватните компании.
На тоа, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ само се насмеа, по што пратеничката му порача „да не се смее“.
„Како да не се смеам. Не можам да разберам. Легитимно е да пет реченици да ги научите и да ги зборувате рафално“, кажа Пренџов.
„Сега навредуваш. Ако ти учиш пет (реченици), уствари, ни пет не можеш да научиш туку две, немој да ги навредуваш соговорниците“, истакна Тренчевска.