Тренчевска: Доколку интервенираме во пензискиот систем, идните генерации нема да можат да добијат пензија

од Nikola Popovski

5.000 денари линеарно покачување на сите 336 илјади пензионери ќе значи околу 324 милиони евра годишно само за ова нивно барање, изјави денеска министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Според неа, може само да се замисли колкава би била фискалната импликација за 20.000 или 18.000 денари за минимална пензија.

– Ова се барања кои се нереални со оглед на состојбата на пензискиот систем. Тој е стабилен и каква било интервенција на пензискиот систем ќе ги доведеме во ситуација идните генерации кои треба да бидат пензионери да не можат да добијат пензија, а ќе ја доведеме во прашање и исплатата на пензиите и на овие 336 илјади пензионери. Мора да се грижиме за стабилноста на пензискиот систем. Оваа Влада се грижи за навремена исплата на пензиите и тие се исплаќаат секој 1-ви во месецот. Со ваквите политики обезбедуваме сигурност, истакна Тренчевска, запрашана за барањата на пензионерите за линеарно покачување на пензиите по 5.000 денари и за зголемување на минималната пензија на 18.000 или до 20.000 денари.

До 13.300 денари пензија добиваат околу 96 илјади пензионери, до 16 илјади денари пензија им се исплаќа на над 60 илјади лица, додека до 22 илјади денари добиваат над 86 илјади пензионери. Највисоки пензии – над 22 илјади денари – имаат 93 илјади граѓани. Додека 2.714 пензионери во јуни зеле пензија во износ од 11.897 денари, група од 1.526 најдобро ситуирани пензионери месечно добиваат сума од 48 илјади до речиси 70 илјади денари пензија. Ова го покажуваат месечните анализи на ПИОМ.

Слични содржини