Со новиот Закон за систем на плати во јавниот сектор се воспоставува систем за платите да не зависат од политичката волја на моменталната гарнитура на власт, изјави министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска во „Топ тема“ на Телма.
Таа објасни дека во моментов постои неунифициран систем на плати и огромни разлики во платите за исто работно место во различни сектори, а овој закон ќе воспостави ред.
„Преку потсистемите за плати ќе се дефинира највисоката плата во секоја дејност, а тоа ќе го прави надлежното министерство“, рече Тренчевска.
Таа додаде дека во јавните расправи за предлог-законот ќе се дефинираат сите нејаснотии за кои укажуваа дел од синдикатите, како вклучувањето на минат труд во освновата плата.
„Она за кое зборуваат синдикатите е дека се крати од делот з агодишен одмор, дека таму ќе влегувала основната плата без минат труд, што не е вистина. Во првите членови од законот се дефинира дека задолжителна компонента на основната плата е минатиот труд. Но, затоа ова е предлог-текст, кој ќе се дообјаснува по јавните дебати“, наведе Тренчевска.