Денес во 12 часот, Собранието трет ден по ред ќе расправа по дополнетиот Предлог-буџет за 2023 година, откако Владата го усвои текстот по прифатените амандамни во матичната собраниска Комисија.
Вкупните расходи во Буџетот за 2023 година, се планирани во износ од 324,8 милијарди денари, или за 36,3 милијарди денари повисоки во однос на Буџетот за 2022 година. Проектираниот дефицит за 2023 година во износ од 42,7 милијарди денари како и отплатата на долгот во износ од 52,1 милијарди денари, од кои надворешен долг во износ од 36,5 милијарди денари и домашен долг во износ од 15,6 милијарди денари, ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.
За власта, според изнесеното на првиот ден од дебатата, предложениот буџет е реален и е одговор на енергетската криза, со поддршка на граѓаните и стопанството и ќе обезбеди економски пресврт. Опозицијата, пак, ја доведува во прашање фискалната одржливот и смета дека буџетот е инфлаторен и манипулативен, без соодветна поддршка во клучните сектори.
-Целта на Предлог – Буџетот за 2023 година е да помогне во ублажувањето на последиците од енергетската криза, да обезбеди непречено финансирање на евроатлантските интеграции, исполнување на НАТО стандардите, но и да постави основа за економско заздравување и да обезбеди забрзување на економскиот раст. Овој Предлог-буџет е дизајниран за исполнување на определбата за фискална консолидација и обезбедување фискална одржливост, рече министерот за финансии Фатмир Бесими на првиот ден од дебатата.