Трета доза вакцина против Ковид-19 во земјава од понеделник

од Берта Китинска

Од понеделник трета доза на вакцина ќе може да примат сите граѓани на возраст над 60 години, и сите здравствени работници и пациенти кои имаат имунокомпромитирана состојба, без оглед на возраста. Се најавува и скрининг на генералната здравствена состојба на населението, како и брзи антигенски тестови тестови за учениците во основните и средните училишта во државата.

Согласно сознанијата кои ги посочи министерот за здравство, Венко Филипче, на вчерашната прес-конференција, третата доза вакцина треба да биде од производителот „Фајзер“, а дополнително ќе следат препораки за вакцини од други производители.

Филипче информираше дека сите граѓаните кои примиле втора доза во моментот кога ќе поминат шест месеци ќе добијат СМС порака дека може да се јават и да примат трета доза вакцина и нагласи дека нема потреба да се заминува во странство за трета доза вакцина.

– Даваме препорака врз основа на искуства од други земји и меѓународни институции кои се тие категории граѓани кои треба да се вакцинираат. Значи сите граѓани без разлика на тоа со која вакцина се иницијално вакцинирани, може да се вакцинираат со трета доза вакцина. Има вакцини доволно во кој било пункт. Овој процес ќе започне од понеделник, поради тоа што некои работи треба да се спремат во електронскиот систем, појасни Филипче.

Слични содржини