Трговците, добавувачите и економистите не веруваат дека Законот за нефер трговски практики ќе внесе ред во цените на пазарот

од Vladimir Zorba
147 прегледи

За најголем дел од трговците и добавувачите , првично изнесените  забелешки во однос на Законот за нефер трговски практики кои претседателот на Стопанската Комора Бранко Азевски ги наведе во писмо до премиерот Мицкоски, се единствено релевантни.

Категорични се дека само со излегување во пресрет и исполнување  на бараните измени и дополнувања  може да се воведе ред во постоечката ситуација од која не се задоволни ни трговците, ни добавувачите, а уште помалку купувачите. 

За директорот на една од најголемите компании за дистрибуција на стока за широка потрошувачка „Даути Комерц“, Џамаил Даути, еден од недостатоците е кусиот период на прилагодување. Според него, примената на Законот треба да биде со крајот на календарската година кога завршува важноста на веќе потпишаните годишни договори.

-Треба да се избрише делот од законот со кој се ограничува рабатот кој добавувачот му го одобрува на трговецот, да се прецизираат условите под кои на добавувачот може да му се вратат непродадените производи и да се зголеми рокот во кој се известува добавувачот дека се намалува нарачката на некој производ, реагира Даути за „Локално“.

Како неприфатлива ја посочува праксата на секоја досегашна  влада да ја продолжува   истата политика и истите методи за ревидирање на маржите. Тој концепт според него,  треба да се отфрли затоа што не смее државата да интервенира на пазарот бидејќи како што вели,  тоа е контрапродуктивно и со него нема да се постигнат ниту социјални ниту економски ефекти. 

Според него, за сите треба да има  исти правила на игра, а успехот ќе зависи од знаењето и способностите на секој поединечно. Посочува дека  ако некој заработува од доминантна или монополска позиција на пазарот, треба да интервенира Комисијата за заштита на конкуренцијата и ваквата пракса да ја казни.

Џамаил Даути

Џамаил Даути

„Ако се сака да се помогне во ревидирање на цените на училишните материјали, Владата треба да ги укине царинските давачки и данокот треба да биде 5 % а не 18 %. Во Македонија немаме производител на училишен прибор и затоа нема кој да се штити. Владата треба да има смелост а не да продолжува со иста политика како претходните, треба да овозможи регулиран пазар без царински давачки и други бариери. Социјалните разлики не се решаваат со лимитирање на маржите кои го обременуваат производ“, вели Даути.

Дилеми во однос на законот  изразија и дел од економистите кои алармираат дека на овој начин сепак нема да се воведе ред на пазарот.

Земајќи ја за пример мерката за училишниот прибор, универзитетскиот професор Вачно Узунов вели дека таа е само уште една во низот на слаби, популистички и политикански одлуки на Владата која е со краткорочен ефект и има за цел, како што вели тој, да се зачува образот на власта.

-Владата виде дека граѓаните реагираат, во негативна смисла и во многу голем број, на покачувањата на цените, па сега “глуми” загриженост и мерка за животниот стандард на граѓаните. Мерката за ограничување на маржите на школскиот прибор може да има само многу мал и крајно краткорочен ефект, и тоа само за ограничен (мал) број на граѓани (оние коишто имаат деца на училишна возраст). Всушност, речиси како да не се случило ништо реално, а крената голема галама за некоја наводна мерка. Од друга страна, понудувачите реагираат со право, бидејќи мерката им е воведена во последен момент (пред нивната сезона – почеток на школската година), и без никаква најава. Тие сега ќе направат помала добивка, некои можеби дури и загуба, па ќе произлезе дека “цената на зачувувањето на образот на власта” ќе ја платат малубројни (и често ситни/мали) трговци со школски прибор. Како е тоа “фер трговска практика”?, вели професорот Узунов.

Вачно Узунов

Вачно Узунов

За да се стабилизира животниот стандард, Узунов набројува неколку препораки, прво власта да ја прифати реалноста (за падот на животниот стандард, или осиромашувањето на граѓаните), а не како што вели, да се држи само до својата “идеологија”.

-Второ, да се донесе цел сет на мерки за справување со проблемот со опаѓачкиот животен стандард и тоа да се спроведува. И трето, во однос на растечките цени на храната, исто така треба да се превземе цел сет на марки (ги има голем број, не може да се наведат тука сите), а не да се постапува само со ад хок и парцијални решенија, дециден е Узунов.

Законот за забрана на нефер трговски практики се донесе во март и со него се очекува намалување на цените на 2500 прехранбени производи чии маржи не треба да бидат поголеми од 10 отсто и поголема правичност во трговијата .

По јавно испратеното соопштение во кое наведе низа забелешки на предложените решенија, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески ретерираше, па преку ново писмо упатено до премиерот Мицкоски напиша дека го повлекува барањето за бришење на делови од законот и за пролонгирање на неговата примена.

Новиот став на Стопанската комора е дека по консултации со домашните производители на прехрамбени производи, со Законот на најдобар начин ќе се уредат правилата и мерките за нефер трговски практики. Ваквото менување на ставот на најголемата Комора и можноста што Мицкоски ја најави за пролонгирање на примената на Законот доколку за тоа постојат објективни причини и пречки, внесе дополнителен хаос меѓу стопанствениците но и кај граѓаните кои се помалку можат да излезат на крај со секојдневните поскапувања.  

К.В.С.

Слични содржини