Трговската спогодба САД-ЕУ повеќе му одговара на Трамп

Спогодбата е важна и за двете страни, оти многу фирми и работни места и на двете страни зависат од она што ЕУ го нарекува „најголемиот билатерален трговски и инвестициски однос на светот“.

од desk2
17 прегледи Фотографија: Fred Guerdin / European Commission Audiovisual Service

По неколку седмици преговори меѓу највисоките фунционери во полето на трговијата од САД и ЕУ конечно вчера двете страни потпишаа трговски договор, кој, според американскиот претседател Доналд Трамп, предвидува царина од 15 отсто за производите од ЕУ.

За договорот беше соопштено пред најновата рунда преговори на САД со Кина.

Америка и ЕУ постигнаа договор, Трамп е воодушевен: „Ова е најголемиот договор досега!“

„Постигнавме договор. Тоа е добар договор за сите“, рече Трамп во неделата по едночасовниот состанок со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Трнбери, Шкотска. Германскиот канцелар Фридрих Мерц го поздрави договорот во царинскиот спор, додека Здружението за надворешна трговија зборуваше за „болен компромис“.

Сепак, спогодбата е важна и за двете страни, оти многу фирми и работни места и на двете страни зависат од она што ЕУ го нарекува „најголемиот билатерален трговски и инвестициски однос на светот“.

Според Трамп, царината од 15 отсто важи и за увозот на европски автомобили.

„Се согласивме дека царината за автомобили и сè друго паушално ќе изнесува 15 отсто“, рече Трамп. Според неговите изјави, во договорот, ЕУ се обврзала на дополнителни инвестиции во САД во износ од 600 милијарди долари (510 милијарди евра) и на купување енергија во вредност од 750 милијарди долари.

Администрацијата на Трамп ова го слави како голема победа. Во многу аспекти, токму за тоа станува збор – победа на позицијата на САД, во обидот на актуелниот претседател „за заштита на американските интереси“.

„Целиот европски печат моментално го фали претседателот, одушевен од договорот што го испреговара во име на Американците. Утре американските медиуми несомнено ќе објавуваат наслови како `Доналд Трамп доби само 99,9% од тоа што го бараше“, напиша на социјалната мрежа Х потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс.

Сепак, истовремено, иако ЕУ не доби многу – 15% царини наспроти опасноста од 30% царини ако не се постигнеше рамковен договор за трговски односи, таа сепак помина полошо од Обединетото Кралство, кое се договори за царини од само 10%.

Претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен зборуваше за „добар договор“ што би обезбедил „стабилност и предвидливост“ од двете страни на Атлантикот.

„Имаме трговски договор меѓу двете најголеми светски економии. Тоа е голем договор, огромен договор“, рече фон дер Лајен по разговорот со Трамп во неговиот комплекс за голф во Шкотска.