Трговците подготвени за новите ДДВ стапки и трговски маржи

од Nikola Popovski
322 прегледи

Истекува последниот ден од примената на времените мерки со кои Владата преку намалување на стапките на ДДВ и ограничување на трговските маржи, го намали притисокот врз трговците на растот на цените на основните прехрамбени производи и нафтените деривати. Трговците ги подготвија своите софтвери за враќање на старите стапки на ДДВ и за калкулирање на нормалните трговски маржи кои стартуваат од утре.
Во услови кога укинувањето на трите сета владини мерки неспорно го детерминира престојното покачување на цените, единствена дилема е големината на ударот и врз онака испразнетиот паричник на граѓаните. Даночниот советник Павле Гацов нема дилема дека враќањето на стапката на ДДВ од 0% на 5 % за храната и ДДВ за нафтените деривати од 10 на 18%, секако ќе ги зголеми цените.

ДДВ-то компаните го наплатуваат за сметка на државата и тоа не претставува нивен приход. Од друга страна слободното формирање на трговските маржи за прехранбените производи дополнително ќе влијае на зголемувањето на малопродажните цени со оглед дека за дел од производите маржите беа целосно укинати. Да потсетиме дека и ДДВ од 5% ќе се пресметува на цената во која е вклучена и зголемената маржа, што дополнително ќе влијае на зголемувањето на малопродажните цени, рече Гацов за локално.

 Во однос на тоа какви други ефекти ќе предизвика укинувањето на времените мерки со кои се ублажуваше ценовниот шок, Гацов посочува дека одмрзнувањето на цените силно ќе се одрази и на инфлацијата.

 Како ефект на зголемените јавни давачки и укинатите маржи, државата ќе искаже зголемени инфлациони приходи во буџетот. Тоа ќе даде шанса за креирање на таргетирани мерки за подршка на најранливите во македонското општество. Ваквото таргетирање е пофер политика во однос на намалувањето на цените со неекономски мерки и на штета на буџетот, мерка од која корист имаат и богатите (намаленото ДДВ и ограничените маржи не се таргетирани мерки според социјалната положба на поединците), објаснува Гацов.

Мерката со која беа замрзнати цените на основните прехрамбени производи беше на сила шест месеци. Од утре се очекува лебот, шеќерот, брашното, маслото за јадење, сувомеснатите производи, тестенините, сирењето и урдата, да се продаваат по цени што ќе бидат повисоки за 5-15 денари а на горивата за околу 10 денари.

К.В.С.

Слични содржини