Британскиот вид на коронавирус досега бил детектиран кај тројца пациенти во земјава, соопштија од Министерството за здравство. Надлежните здравствени власти на 27 јануари 2021 година објавија за првиот пациент заразен со британскиот сој на коронавирусот во земјава, кој веќе е оздравен. Вирусот беше детектиран во приватната лабораторија на клиниката „Жан Митрев“ во Скопје, при анализа на примероци од јануари.
Кај останатите двајца заразени, едниот кој имал коморбидитет починал, а другиот пациент од 26 јануари се води како оздравен.
Починатиот е 46-годишен маж од Охрид, кој имал претходни хронични заболувања. Позитивен тест на Ковид-19 добил на 4 јануари, а починал на 8 јануари 2021 година.
„Британската мутација на коронавирусот полесно се пренесува за 50 до 70 отсто од досега познатиот ковид-19, а смртноста од овој сој е поголема за 35%“, објави д-р Горан Кунгуловски од Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина при клиниката „Жан Митрев“.
Според него, сојот најверојатно води до поголема смртност, барем за 35% во споредба со небритански соеви.
„Ако има зголемена преносливост (да речеме 50%) и зголемена смртност (да речеме 35%) наместо да се заразат 1.000, ќе се заразат 1.500 и наместо да починат 10, ќе починат 20. Тековните вакцини се доволно ефективни кон британскиот сој“, смета тој, додавајќи дека пандемијата е далеку од завршена и единствениот спас е глобалната вакцинација, што побрзо толку подобро.
Вкупниот број на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 92.518, бројот на оздравени пациенти е 81.316, на починати е 2.848, а бројот на активни случаи изнесува 8.354. Досега во земјата се направени вкупно 454.608 тестирања на КОВИД -19.
Според досега завршените епидемиолошки анализи, во Скопје активни се 4.449 случаи, Охрид – 367, Куманово -365, во Кавадарци активни се 327, Тетово – 315, Велес – 269, Струмица – 258, Гостивар – 206…