Три земји од Западен Балкан потпишаа воен договор, Македонија не е вклучена: „Светските геополитички промени претставуваат опасност српската политика да стане уште побрутална“

Хрватска, Албанија и Косово договорија воена соработка: Зошто Србија се противи, а Македонија не е дел од сојузот?

од Nikola Popovski
952 прегледи

Воениот сојуз што го потпишаа Хрватска, Албанија и Косово наиде на критики во Белград, a овации во Приштина. Македонија не беше дел од трилатералниот меморандум за соработка што го потпишаа министрите за одбрана на трите земји. За дел од аналитичарите, светот и регионот се во тензија и работите се случуваат една по друга и оттаму се зајакнуваат соработките. Сепак, новинарот и аналитичар Дритон Зенку не смета дека трилатералниот договор меѓу Албанија, Хрватска и Косово е поврзан со ситуацијата. Како што вели во разговор за „Локлано“, градење капацитети и одбранбена индустрија, зголемување на интероперабилноста преку образование, обука и вежби, зголемување на посветеноста во борбата против хибридните закани и зајакнување на стратешката стабилност и координирање на политиките за евроатлантска интеграција, се четирите точки од декларацијата за воен сојуз.

-Ова е пактот меѓу трите балкански држави. Бидејќи тоа се случува во овие моменти, може да се смета и за провокација, како што вели и српскиот претседател, оценува Зенку.

На прашањето зошто официјален Белград се најде најзасегнат од ситуацијата, новинарот смета дека Србија е во неповолен политички момент, како резултат на масовните протести.

Дритон Зенку

-Секое движење што се случува се толкува како провокација или поттикнување тензии. Српскиот претседател го артикулира секој развој од негова перспектива и во корист на неговите каузи. Таква соработка постоела и ќе постои меѓу државите. Ако Александар Вучиќ ги смета овие земји за непријателски држави, тогаш и соработката меѓу нив ќе се гледа како непријателски план кон Србија, посочува соговорникот.

Земјава не беше дел од ваквата соработка иако имаме блиски релации со трите споменати земји. Зенку се сомнева дека Македонија воопшто добила покана за ваква соработка.

-Ова треба да го кажат државниот врв. Политичките промени во Македонија можеби влијаеле на невклучувањето на земјата во оваа алијанса. Јасно е дека новата влада ја зголеми соработката со Србија, додека односите со Албанија и Хрватска речиси и да ги нема. Во однос на соработката со Косово, постои добра комуникација. Но, треба да се истакне дека Хрватска историски одржува добри односи со Косово и со Албанија, заклучува Зенку.

За косовската јавност помалку е чудно зошто и Македонија и Црна Гора не се дел од оваа „тројка“, иако како што велат, двете земји се најзагрозени од големосрпската политика, покрај БиХ и Косово. Универзитетскиот професор од Митровица, Неџмедин Спахиу прашува зошто и Бугарија не е дел од оваа соработка.

Неџмедин Спахиу

-По последните избори во Црна Гора и Македонија, големата српска политика на големо влезе во земјите. Целта на оваа соработка е да се спротивстави на заканата од Србија која може да стане уште поагресивна отколку што е веќе по доаѓањето на Трамп на власт, тврди Спахиу во изјава за „Локално“.

Според него, Србија има отворени територијални претензии кон Косово и БиХ и претензии за поголемо влијание кон Македонија, Црна Гора и Албанија, како и кон Бугарија и Хрватска.

-Геополитичките промени во светот претставуваат опасност српската политика да стане уште побрутална, оценува Спахиу.

Пред два дена во Тирана беше потпишан трилатерален меморандум во областа на одбраната меѓу министерствата за одбрана на Албанија, Косово и Хрватска. Декларацијата има за цел да ја промовира соработката во градењето на одбранбените капацитети и индустријата, да ја зголеми интероперабилноста преку образование, обука и вежби, да се спротивстави на хибридните закани и да ја зајакне стратешката отпорност, како и да обезбеди целосна поддршка за евроатлантската и регионалната одбранбена интеграција.

Албанскиот министер за одбрана Ејуп Венге изјави дека Косово и Албанија имаат што да научат од Хрватска.

Косовскиот министер за одбрана, Ејуп Македончи рече дека овој меморандум не е закана за никого, туку порака до сите кои се осмелуваат да ја загрозат безбедноста, мирот и стабилноста на Западен Балкан.

„Ова е декларација што го отвора патот за многу поголема соработка меѓу нашите земји. Целта на оваа соработка нема да биде да се загрози никого, туку да се испрати порака до сите кои се осмелуваат да ги загрозат безбедноста, мирот и стабилноста на Западен Балкан, но и безбедноста на нашите земји; дека нашите три земји, кои споделуваат заеднички вредности и интереси, се обединети за да се спротивстават на секоја опасност што е насочена кон регионот“, нагласил Македончи.

Н.П.

Слични содржини