Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот Фејсбук профил се огласи по повод 32 години од изборот на Киро Глигоров за прв претседател на независна и суверена Република Македонија.
„На почетокот на 90-тите години, распадот на СФРЈ предизвика воени дејствија кои се ширеа во поранешните републики, додека во нашата држава се етаблираше партискиот плурализам. На седницата на Собранието на 27 јануари во 1991 година, со 114 гласови ‘ЗА’, Киро Глигоров беше избран за прв претседател на суверена Република Македонија. Нека му е вечна слава на архитектот на современа Македонија!“, се наведува во објавата на Спасовски.
Глигоров беше претседател на Република Македонија во два мандата, заклучно до 17 ноември 1999 година.
На 3 октомври 1995 година преживеа атентат со автомобил-бомба поставен на улицата Македонија во непосредна близина на хотелот „Бристол”.
Почина на први јануари 2012 година во Скопје во неговиот дом на 94-годишна возраст.